Денеска православните христијани го слеват денот на Христовото раѓање, еден од најголемите и најсветите христијански празници, Божик.
Славењето на рожедството Христово започнува со Бадник, кога семејството се собира околу скромната бадникова трпеза и ја чека радосната вест.
Со Божик е поврзана и поговорката: „За Божик кај и да си, дома да си“. Тоа значи дека за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв.
Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат божикни литургии. Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи архиерејска литургија на Св.Василиј Велики.






