И по 32 години по осамостојувањето, Македонија е единствена држава на Балканот која нема железничка врска со сите соседни држави (Бугарија и Албанија). Речиси 90 километри пруга од Куманово до границата со Бугарија се гради близу три децении, објави Вечер. Нема висок функционер кој досега не фрлил лопата со бетон во камен темелникот на пругата кон Бугарија и ветил дека само што не биднала. Оттогаш само пусти желби останаа и уверувања поткрепени со многу пари дека конечно возот ќе засвири кон истокот.

Првите обиди за железница до Бугарија
А инаку, плановите за железничко поврзување со Бугарија се стари повеќе од еден век. Првите обиди направени до Првата балканска војна и поделбата на Македонија во 1912 година, не дале резултати. Линијата Куманово – Ѓуешево станала актуелна во 1915 година за време на Првата светска војна кога Вардарскиот дел на Македонија бил окупиран. Периодот од 1915 до 1918 година, Бугарија го искористила да го ревидира недовршениот проект на Компанијата на источните железници и да изработи идеен проект според нивните потреби. Во 1941 година нивни стручни лица почнале со одбележување на трасата и изработување на првата фаза на главниот проект.
Главниот проект на вториот дел Куклица до Ѓуешево бил готов до крајот на февруари 1942 година, и се почнало со градбата, но овој дел бил значително потежок за градење – бил поделен на 10 делници. До повлекувањето на бугарските војски и ослободувањето се работело со засилено темпо.

По ослободувањето, овој проект бил ставен ад акта. Немало интерес од тогашната сојузна власт да се продолжи со изградба на пругата. По осамостојувањето на Македонија на почетокот на 90-тите години на минатиот век, целокупното стопанство на земјата беше блокирано од грчкото ембарго.
Државата не можеше да се снабдува со сурова нафта и деривати, но и со други суровини, како руда од Фени, фосфати, старо железо и слично од Солунското пристаниште. Оневозможен беше и извозот, транзитната стока ја заобиколуваше нашата држава што беше тежок удар врз стопанството, но и за железницата која беше главен превозник на стоката.
Затоа тогашната македонската Влада бараше излез од таквата состојба. На Паневропската конференција 14-16 март 1994 година, одржана на Крит, на министрите за транспорт и конечно беше усвоен коридорот Исток – Запад, односно коридор од Црно Море до Јонско Море.
Во Македонски железници по налог на државата бил оформен „Сектор за градба на нови пруги“ при што веднаш се почна со подготвителни работи.
Трета мајка на пругата Куманово-Бељаковци
Веќе на 1. 4. 1994 година на постојната пруга Куманово – Бељаковци почнаа работи на адаптација на долниот строј. Во оваа фаза приоритет беше ставен на делот кон Бугарија додека делот Кичево-Ќафасан остана да се решава во иднина. Официјалното отпочнување на работите беше одбележано на 11 октомври 1994 година со полагање на камен темелник во идната железничка станица Гиновци. Повеќе на Вечер.пресс.





