Граѓаните со огромно разочарување и револт ги следат случувањата со контролата на летање и не можат да веруваат што се случува во и со државата, велат од Демократскиот сојуз во денешното партиско сооштение.



„Судот потклекна под притисокот на ДУИ и не определи притвор за насилниците од ДУИ кои неовластено упаднаа во контролната кула за летање, физички нападнаа контролори и ја загрозија безбедноста на воздушниот сообраќај.

Ако за ова тешко кривично дело нема притвор за насилниците кои можат да го повторат делото, да влијаат на сведоците или да ја напуштат државата (сите имаат повеќе пасоши и други документи за идентификација), како што веќе четворица се недостапни, тогаш не знаме што треба да се случи за државните институции да профункционираат“, се вели во соопштението.

Реагираат медиумите, граѓаните и опозициските партии, се приведуваат четворица од насилниците, но Судот не им определува притвор и што е следно, прашуваат од партијата чиј лидер е Павле трајанов.

„Логично е Јавниот обвинител да реагира за да може Апелациониот суд да се изјасни, но  потребна е и соодветна реакција и од Судскиот совет.

Владата предводена од Ковачески не треба да најавува смени, туку по реакцијата на Демократскиот сојуз, требаше веднаш да ги суспендира директорите на М-НАВ и да именува експерти кои ќе раководат со оваа витална  организација.

Гласно и со огромна горчина сите се прашуваме и коментираме, дали законите важат подеднакво за сите граѓани, дали е можно да профункционира правната држава, дали мoже некој да ги запре криминалот, корупцијата и разградувањето на државата од кадрите на ДУИ.

Државата е во колапс, а состојбите ќе се влошуваат, затоа во техничката Влада не треба да има кадри од ДУИ, доколку сакаме фер и демократски избори и мирен трансфер на власта“, велат од Демократскиот сојуз.