Шефот на ДУИ во Дебар Спахиу го „брани“ Незири со провокација кон Македонците: Ќе биде победен македонскиот шовинизам, Албански премиер ќе има!

„Другар мој Беким, ти се бореше и ќе се бориш за правата на Албанците. Победата доаѓа и вмровскиот македонски шовинизам против Албанците ги задава своите последни удари за да го спречи изборот на Албанскиот Премиер. Но, Албански Премиер ќе има! Победата доаѓа!“ – со овој воинствен и етноалбански интониран восклик преку фејсбук се огласи Артин Спахиу, претседателот на огранокот на ДУИ во Дебар, во знак на „одбрана“ и поддршка на својот „другар“ и партиски колега Беким Незири, претседател на чаирскиот огранок на „интегристите“, во една реакција, која нема никаква врска со инцидентот на Незири и тепањето на контролорите на летање во „М – НАВ“, туку претставува многу повеќе сериозна етничка провокација кон Македонците и ВМРО ДПМНЕ. „Победничката порака“ на Спахиу до „вмровскиот македонски шовинизам против Албанците“ ја пренесе и информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА



Во објавата на својот фејсбук-профил, со елементи и на ефтина предизборна политичка и партиска пропаганда во полза на ДУИ спроти можниот избор на Талат Џафери како прв премиер-Албанец на една техничка Влада на Македонија, Артин Спахиу изнесува: Цената на рамноправноста е голема, другар Беким. Ти се бореше, се бориш и ќе се бориш за правата на Албанците! Ти, другар Беким, не направи ништо за самиот себе, бидејќи си повеќе отколку исполнет, туку се стори албанските момчиња и девојки да бидат застапени и интегрирани во институциите, кои се и денес „забрането јаболко“ за Албанците.

Правдата ќе излезе на површина и сите оние албански и албаномрзечки гласови, кои станаа едно со вмровскиот македонски шовинизам, ќе се срамат од самите себеси, но ќе бидат срам и за нивните потомци, за општеството и пред нацијата!

Другар мој, победата доаѓа, а антиалбанскиот шовинизам ги задава своите последни удари, за да го запре изборот на Албанскиот Премиер. Но, Албански Премиер ќе има, а ти ќе бидеш најголемиот триумфалист, победник и човек со гордо крената глава!