„Журнал“: Постои опасност на 28.1 ВМРО ДПМНЕ да го повтори терористичкиот напад врз Собранието од 2017, за да го спречи изборот на Талат како премиер-Албанец!

„Постои најголема опасност ВМРО ДПМНЕ да го повтори сценариото од 27 април 2017 година, кога терористите извршија напад врз Собранието и изборот на Талат Џафери како негов претседател. Овојпат на 28 јануари 2024 да инсценираат нови немири и мобилизирање на масата против поставувањето на Талат Џафери како прв премиер-Албанец на техничката Влада, прикажувајќи го како омразен припадник на УЧК, што се борел против државата. Постои сомнеж дека со ваква цел ВМРО ДПМНЕ одлучува да учествува во техничката Влада, со што потоа ќе го преземе и МВР и да може полесно да го спроведе тоа исто сценарио од 2017 година.“ – со овие претпоставки и „прогнози“ од областа на политичката фантастика се огласува информативната агенција на албански јазик „Журнал“ во својата редакциска анализа со наслов „ВМРО ДПМНЕ ќе биде дел од техничката Влада, што може да се крие зад ова?“. Инаку, зад „Журнал“ стојат влијателни личности и структури од редовите на ДУИ и таа агенција неретко изнесува ставови, кои се блиски до нивните позиции. Се наметнува прашање: која е, всушност, целта преку изнесувањето вакви претпоставки и „прогнози“ од областа на политичката фантастика да се „налева вода“ на „сувата политичка воденица“? Има ли можеби некој друг, а не ВМРО ДПМНЕ, некаква своја намисла таа „политичка воденица“ и да не остане баш „сува“?!



Покрај другото, во својата редакциска анализа „Журнал“ пишува: Веќе е одлучено ВМРО ДПМНЕ да биде дел на техничката Влада. Оваа партија ќе ги објави своите кандидати за министри во ваквата Влада по 19 јануари. Лидерот Христијан Мицковски не ја исклучи можноста и овојпат технички министер за внатрешни работи да биде Наќе Чулев. Што може да се крие во сценариото за учество на ВМРО во техничката Влада?

Дваесет и осми јануари ќе биде историски датум за Албанците од * Македонија, бидејќи на овој ден се очекува да биде поставен првиот Албанец на чело на Владата – Талат Џафери. Значи, Албанците сега ќе имаат и свој премиер за време на техничката Влада. Со овој факт не се согласуваат македонските партии со антиалбанска агенда, како што се ВМРО ДПМНЕ и Левица. Тие две партии се спротивставија на ова поставување на првиот премиер-Албанец на техничка Влада, прикажувајќи го тоа како непотребно. Се спротивставија и на функционирањето на техничката Влада. Според нив, постојната Влада треба да продолжи до изборите само да не добие земјава премиер-Албанец, што произлегува од договорот постигнат меѓу СДСМ и ДУИ. Но, овие барања на опозицијата беа одбиени.

За ВМРО ДПМНЕ е неприфатливо Талат Џафери да биде на таа позиција. Според нив, тој не е достоен, поради неговата активност во минатото, оти бил припадник на УЧК. Од оваа партија почнаа да го прикажуваат Талат Џафери како човек кого Македонците мора да го мразат, бидејќи тој се борел против оваа држава и на тој начин да ја мобилизираат масата, за да создадат нови немири во државата.

Најголемата опасност, која постои, е тоа да се повтори сценариото од 27 април 2017 година, со оглед дека Министерството за внатрешни работи ќе го водат кадри од ВМРО-ДПМНЕ. Се може да се инсценира и полицијата да не дејствува навреме. На 27 април 2017 година на чело на оперативниот штаб беше Митко Чавков, поранешен министер за внатрешни работи од ВМРО ДПМНЕ во тоа време. Тој не даде никаква наредба за дејствување во поглед на обезбедувањето на Собранието, за да се заштитат пратениците од толпата терористи, кои тој ден го нападнаа Собранието кога се избираше Талат Џафери како негов претседател.

Ваквото непостапување на Чавков во тоа време остава простор за сомнеж и крева аларм за загриженост дека истото сценарио би можело да се повтори и сега. На 28 јануари ќе биде уште полесно, затоа што ВМРО ДПМНЕ ќе го има МВР: на 27 април 2017 година со оперативен началник успеа да им создаде простор на протестантите во Собранието, а сега може да се замисли што може да направи со министерот за внатрешни работи.