ДУИ тврди дека е жртва на неправедни осуди и реагира по упадот на неколку лица во просториите на М-НАВ и нападот на дел од вработените.
Иако со нападот се поврзува и актуелниот претседател на огранокот на ДУИ во Чаир и вработен во М-НАВ, Беким Незири и други членови на ДУИ од Мала Речица тврдат дека се жртва на неправда.
Незири денеска е повикан на распит во полициска станица но против него нема кривична пријава.
Настаните во М-НАВ од партијата ги оценија за вознемирувачки и ја осудија секоја форма на насилство, но обвинија дека инцидентот неправедно се обидува да ѝ се припише на ДУИ.
„Инцидентот, кој се обидува неправедно да ѝ се припише на ДУИ, е резултат на нарушени и заладени односи меѓу колегите во работната средина и нема никаква врска со политичко прашање, а уште помалку со ДУИ. Станува збор за несогласување меѓу колегите и во никој случај не треба неправедно да се меша партиска политика. Ја осудуваме тенденцијата за постојано мешање на партиите во секоја приватна секојдневна работа“, велат од под ДУИ во партиската реакција за инцидентот во М-НАВ.
Јавно, од партијата побараа истражните органи целосно да го расчистат случајот.
Истата квалификација дека вчерашниот инцидент во Македонската навигација е личен конфликт помеѓу двајца вработени денеска на прес-конференција кажа и претседателот на Управниот одбор и извршен директор во М-НАВ, Фахрудин Хамиди.
Кошкање има во секоја фирма, се работи за личен конфликт – рече директорот Хамиди за упадот во М-НАВ.
Во вчерашниот напад на дел од вработените во М-НАВ, според полицијата, учествувал еден вработен во институцијата со иницијали Б.Н. и неколку други непознати лица. Дел од медиумите уште синоќа објавија дека се работи за Беким Незири – актуелниот претседател на огранокот на ДУИ во Чаир и ексминистер за економија.
Денеска од МВР информираа дека тој е на распит во полициска станица по налог на скопското обвинителство.
ДУИ не презема никакви санкции за својот член Незири за насилството во МНАВ.





