И денеска “лудило” пред пунктовите за промена на личните документи

Редици на неподносливо ниски температури, нервоза, нетрпеливост пред пунктовите за промена на личните документи. Поради промената на уставното име, граѓаните се приморани да плаќаат пари за нови документи иако најголем дел од нив беа против да се промени името во “Северна Македонија”. Но власта не ги прашува, само им наложи да си ги променат личните документи а за тоа се изложени на дополнителни трошоци.



Стануваат уште во шест часот наутро, за во осум часот кога ќе бидат отворени шалтерите на пунктот да „имаат фатено ред“ и да добијат барем мала предност и надеж дека во следните неколку часа ќе успеат да се сликаат за промена на личните документи.

“Ми рекоа дека без шест часа не можам да завршам работа. Исто така, препораката е да се отиде порано, пред да се отворат шалтерите, за да се фати редот и да се добие каква таква предност пред да се создаде неподносливиот метеж во подоцнежните часови. Денеска имам слободен ден од работа и решив буквално целиов ден да го ‚упропастам’ за да се сликам за промена на пасошот и личната карта. Друг избор немам бидејќи во март треба да патувам надвор од земјава, а доколку го вадев пасошот во редовна постапка требаше да чекам дури до мај, бидејќи за тогаш ми закажаа термин“, вели една скопјанка која трпеливо го чека редот за да ја промени својата патна исправа, објави “Фактор”.а

Таа во декември имала еден неуспешен обид да се слика за промена на личните документи, за што излегла и од работа, но после два часа неуспешно чекање се откажала, бидејќи морла да се врати на работното место.

Оваа скопјанка ни обезбеди и фотографии од денешната редица пред пунктот на МВР кај полицискта станица „Пролет“, пишува “Фактор”.

Инаку, ова е само повторување на сликата и од претходните денови, каде граѓаните со часови чекаат за да ги сменат своите лични документи, бидејќи тие ќе бидат важечки само до 12-ти февруари, а по тој датум, личните карти и пасоши на кои стои старото име „Република Македонија“, повеќе нема да важат.

Ова чекање мораат да го поминат и постарите граѓани, од кои многумина се изнемоштени и со нарушено здравје, па затоа им создава и дополнителни проблеми.

Инаку, доколку денеска се обидете да закажете редовен термин преку линиите на МВР, воопшто нема да ги добиете, бидејќи или даваат зафатено, или исклучуваат.

А, како што претходно соопштија од МВР, старите документи после 12.02.2024 година нема да имаат важност, без разлика кога истекуваат. Со стара патна исправа нема да може да се преминува граница, ниту пак ќе биде прифатена како документ во институциите, а и со стара возачка дозвола нема да може да се управува моторно возило.