Неколку здруженија на граѓани попладнево одржаа протест пред Собрание против промената на името на државата и со барања за прекин на преговорите со Грција за разликите за името и за повлекување на медијаторот Метју Нимиц.



Во прилог на последното барање беше цитирана негова изјава од пред пет години.

„Напоменувам дека решение овде не може да биде пронајдено без прекршување на фундаменталните човекови права, поради што секако не би имало решение“, се зборовите на Нимиц искажани пред професорот и активист на македонската дијаспора од САД, Нестор Огинар, на 23 март 2013 година во седиштето на Обединети нации во Њујорк, а снимени од новинарот Слободан Томиќ.

„Нимиц да се повлече од срамната, недостоинствена и за нас недозволива позиција на посредување на наметнат и апсурден спор со името, да престане да биде учесник во геноцидот и во уништувањето на македонскиот народ и држава, како и во повредувањето на македонскиот идентитет“, беше порачано од протестот.

„Метју Нимиц да достави извештај до Обединети нации дека македонскиот народ бара од него неотповиклива оставка на медијаторсата позиција и дека сака Република Македонија да биде примена на ОН под уставното и државото име“, беше една од пораките.

По вчерашната посета на Атина, специјалниот пратеник денеска е во Скопје, каде што утре ќе има разговори со македонскиот државен врв.