Македонија ја преслуша Грција пред ЕП во ракомет

Рутинска победа на ракометната репрезентација на Македонија од 33:30 против Грција во првиот од двата контролни натпревари со јужниот сосед пред Европското првенство во Германија.



Избраниците на селекторот Кирил Лазаров во средината на второто полувреме имаа макесимална предност од 26:19, но на крајот му дозволија на противникот да дојде до пристоен пораз, иако во првото полувреме долго им парираше на „црвено-жолтите“ пред домаќинот во арената „Борис Трајковски“ да замине на паузата со водство од 18:15.

Кружниот напаѓач Милан Лазаревски беше најефикасен во победничкиот тим со 8 гола, два повеќе од десното крило Ненад Костески, бекот Филип Кузмановски натпреварот го заврши со пет погодоци зад своето име, а голманот Никола Митревски со 9 успешни интервенции.

Двете селекции ќе ги одмерат силите и утре, но без присуство на јавноста.

Македонските ракометари ќе заминат во Германија на 8 јануари, два дена подоцна во Диселдорф ќе ѝ излезат на мегдан на Франција, а противници во групата ќе им бидат и домаќинот на првенството, како и Швајцарија.

Германците вечерва минимално ја поразија Португалија со 34:33 во контролен дуел, а Швајцарците беа подобри од Романија со 37:31.