Актуелниот американски претседател Џо Бајден ќе ја искористи тригодишнината од упадот на Капитол во сабота, на 6 јануари, за да ја започне претседателската кампања и повторно да го критикува својот противкандидат Доналд Трамп, објави Си-Ен-Ен.
„Претседателот јасно ќе каже дека демократијата и слободата, двете најмоќни идеи што ги обединија 13-те колонии и за кои генерации Американци се бореа и умреа во текот на историјата на нашата нација, остануваат централни за борбата со која се соочуваме денес“, соопштија од кампањата на Бајден.
За својот предизборен говор, Бајден го избра историскиот град Вали Форџ во Пенсилванија, кој служеше како зимски камп на Континенталната армија на првиот американски претседател Џорџ Вашингтон, за време на американската војна за независност од Велика Британија.





