Многу нервозни граѓани поради хаосот и гужвите пред единствениот пункт во Скопје за вадење лични документи без претходно закажан термин.



Оваа локација е единствената опција за жителите на главниот град кои не успеале да добијат термин преку МВР. Граѓаните се свесни дека ќе мора да чекаат со часови, а повеќето и со денови.

Ни криви ни должни, за ТВ Алфа велат дека ова се случува поради тоа што власта реши да се сменат документите со новото име дури и за оние на кои важноста им трае уште неколку години.

Според Преспанскиот договор со Грција од 2017 година, личните документи мора да се заменат со нови на кои стои Северна Македонија до 12 февруари годинава.

Малтретирањето на граѓаните за да извадат нови документи не завршува само со чекањето по цел ден за поднесување барања и фотографирање без закажување на пунктот во полициската станица „Пролет“.

Се чека со часови и кога после 15 работни дена треба да ги подигнат документите: „стотина граѓани стојат во ред, а редот оди бавно“, пренесува Сакам да Кажам.

На шалтерот во МТВ се создаваат гужви бидејќи тука се подигнуваат документите на оние кои се сликале во МТВ, но и во новиот пункт во салата во полициската станица „Пролет“. Исто така, во МТВ мора да ги земаат пасошите и личните карти и граѓаните кои се сликале во полициските станици во населбите Ѓорче Петров и Драчево.