Закани на Снопче: Албанците можат да ја дестабилизираат државата, ако се игнорираат нивните барања за рамноправност!

„Македонските политички елити се уште не разбираат дека Албанците треба да бидат третирани како рамноправни партнери. Ним не им е јасно дека Албанците можат да бидат главниот чинител за дестабилизација на државата, ако се продолжи да се игнорираат барањата на Албанците, пред се да се отстрани од Уставот процентуалното дефинирање на албанскиот јазик. Иако станавме членка на НАТО, има и натаму дискриминација на Албанците.“ изјави со своевиден заканувачки тон Халил Снопче, пратеник од редовите на владејачката партија Алијанса за Албанците во интервјуто, што го даде за информативната агенција на албански јазик „Журнал’.



Покрај другото, во споменатото интервју Снопче тврди: „Меѓуетничките односи мора да се зајакнуваат како еден од главните столбови за гарантирање на стабилноста и безбедноста на земјата. Во оваа област има и натаму проблеми, кои не се надминати. И покрај зголемувањето на довербата, нема видливо подобрување.“

„Во нашата држава сè уште имаме сосема спротивни ставови за некои прашања, што може да бидат опасност за одржувањето добри меѓуетнички односи. Македонските политички елити се уште не разбираат дека Албанците треба да бидат третирани  како рамноправни партнери. Нин не им е јасно дека Албанците можат да бидат главниот чинител за дестабилизација на државата, ако се продолжи со пристапот на игнорирање на барањата на Албанците. Тука зборувам за прашањето на јазикот. Нема волја да се прифати барањето на Албанците албанскиот јазик да не се дефинира со проценти.“ – изнесува Снопче со своевиден заканувачки тон.  

Овој пратеник од редовите на Алијансата за Албанците натаму посочува „и некои други опасни појави“, набројувајќи „конкретни случаи“: „Случајот со учениците во Чашка е најизразит пример. Се игнорира барањето децата Албанци да го користат правото на учење на албански јазик, загарантирано со уставот и државните закони, како и со универзалните меѓународни конвенции. Парадоксот е уште поголем: има македонски протести против остварувањето на ова основно право. Во време кога сите зборуваме за интеграција во Чашка се случува распаѓање на основните права. Тоа не придонесува за нормализирање на меѓуетничките односи.“

Во истиот контекст Снопче дополнува: „Имавме уште еден случај во Зелениково. Таму, како резултат на резултатите од последниот попис, имаше иницијативи на македонските советници за промена на статусот на Општината, за да не биде официјален албанскиот јазик и покрај тоа што никогаш не бил употребуван. Тоа е затоа што бројот на Албанците падна под 20 проценти. Тоа не беше реализирано, но беше обид кој не придонесува за релаксација на односите. Други случаи се кога националноста се злоупотребува, за да се обезбедат работни места. Местата загарантирани за другите националности ги пополнуваат Македонците, кои се изјаснуваат како Албанци.“

Пратеникот Халил Снопче наоѓа некоја чудна поврзаност меѓу „зачленувањето на државата во НАТО“ и „меѓуетничките односи“, истакнувајќи: „Тие споменати појави  продолжуваат со иста силина, без разлика што станавме членка на НАТО. Зачленувањето во НАТО не влијаеше воопшто врз отстранување на овие негативни појави во врска со меѓуетничките односи во државата.“