Призна ли Ковачевски дека нема контрола на четири владини министри?
Со неговата денешна изјава за работната група за намалување на платите за функционерите тој навести дека дури четири министри членови на таа работна група не му кажуваат што и како работат и со тоа му покажуваат дека тој нема контрола врз нив што е спротивно на законот за влада.
Премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски истакна дека работна група работи на подготвување на предлог за покачувањето на платите на именуваните и избрани функционери но дека тој од групата не го добил бараните информации.
,,Во однос на платите на избрани и именувани функционери, градоначалници, судии, пратеници, обвинители, директори, 21 министер… Во однос на тоа, има работна група која работи на предлог кој треба да биде доставен до Собранието и Собранието да го каже својот финален збор”, рече Ковачевски на презентација на првата странска инвестиција во 2024 година во ТИРЗ.
На новинарска забелешка дека работната група работи една година и зошто се чека толку за закон, Ковачевски одговори дека тоа треба да го каже работната група.
„Работната група треба да каже“, рече премиерот на што го доби следново прашање:
„Премиере, не ја прашавте работната група?”
„Ја прашав, велат дека работат“, одговори Ковачевски со што се отвараат две главни сценарија, или групата не работи ништо или групата не го смета Ковачевски за авторитет со него да сподели што работи.
Постои и трета опција Ковачевски да не го интересира што се случува со платите затоа што нему не му следува покачувањето од 400 евра, што именуваните и избрани функционери ќе го добијат од овој месец, бидејќи, како што рече, од 28 јануари ќе настапи техничка влада.
,,На мене не ми следува покачување, бидејќи јас на 28 јануари ќе има седница на Собрание на која ќе настапи техничка влада со технички премиер”, рече тој.






