Бојан Миовски во новата година продолжи таму каде што застана во старата, запишувајќи по еден гол и асистенција во триумфот на Абердин од 3:0 на гостувањето кај Рос Каунти во 22. коло од шкотскиот Премиршип.



Македонскиот напаѓач и репрезентативец во 80. минута ја заокружи голеадата на својот тим што ја почна Џејми Мекграт со двата погодока во првото полувреме, од кои првиот токму на додавање од 24-годишниот штипјанец.

Со деветтиот првенствен погодок сезонава, плус две асистенции, Миовски е петти на листата на стрелците во елитната конкуренција во Шкотска. Со вкупно 15 гола за Абердин во сите натпреварувања, пак, на половина од сезоната се доближи на три до вкупниот ефект во целата мината сезона во дресот на „донси“.