Кина го повика народот на Тајван на „мирно обединување“

Шефот на кинеската канцеларија за прашања на Тајван го повика народот на Тајван да го промовира процесот на „мирно обединување“ бидејќи тоа е заедничка желба на луѓето од двете страни на Тајванскиот теснец, објави Ројтерс.



Изјавата на Сонг Тао, која доаѓа две недели пред претседателските и парламентарните избори во Тајван на 13 јануари, следи по забелешките на претседателот Си Џинпинг во неговото новогодишно обраќање дека „обединувањето“ на Кина со Тајван е неизбежно.

„Татковината на крајот ќе биде обединета и неизбежно ќе биде обединета“, нагласи Сонг Тао. Тој беше категоричен дека оваа идеја ја споделуваат луѓето од двете страни на Тајванскиот теснец.

Според него, народот на Тајван треба да ги унапредува односите меѓу двете земји за враќање на вистинскиот пат на мирен развој, како и да го промовира процесот на мирно обединување на татковината.

Тајванската влада ги отфрла барањата на Кина за островот.

Кина му понуди на Тајван модел на автономија „една земја, два системи“, но оваа иницијатива не наиде на поддршка од Тајван.