Спасовски се огради: МВР ја заврши работата, Обвинителство ќе одлучува како ќе постапи за случајот со Дрин Ахмети

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за пронајдените пиротехнички средства во возилото на Дрин Ахмети ја фрли топката кон Јавното обвинителство да оцени како ќе постапува со овој случај.



– За конкретниот случај ние ги преземавме сите потребни активности од полициски аспект. Одземени се сите предмети кои беа најдени и е доставен поднесокот до Јавното обвинителство, кое ќе оцени за тоа како понатаму ќе се постапува во однос на целиот овој случај – рече Спасовски, одговорајќи на новинарско прашање каков поднесок ќе има и за што ќе се товари Дрин Ахмети.

За потсетување, внукот на Али Ахмети, Дирн, кој од неодамна стана сопственик на трговскиот центар „Соравија“, на само 25 години, пред Нова Година беше уапсен на ул.„Самуилова“ во Скопје во неговото возило каде се пронајдени 749 пиротехнички средства.

Апсењето на младиот Ахмети предизвика бурни ракции во јавнста, која дури и направи многу иронични забелешки насочени кон работата на полицијата.

Спасовски по посетата на полицискиот центар „Ѓорче Петров“ нагласи дека кампањата што ја спроведувале заедно со Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија навистина дала резултати.

„Оваа година нема ниту едно лице кое е повредено од пиротехнички средства, исто како и минатата година“, изјави Спасовски, додавајќи дека во 2023 година македонската полиција заплени повеќе од 100.000 парчиња на пиротехника.