Русија со рекорден број дронови ја нападна Украина на Новогодишната ноќ


Едно лице загина, а осум се повредени на новогодишната ноќ во Одеса во напад на руски дрон, јави во понеделникот БТА. Нападот, кој дојде од морето, предизвика пожари во два повеќекатни станбени блока во 1 часот по полноќ.



Украинската војска, цитирана од Ројтерс, соопшти дека цел на нападот била пристанишната инфраструктура и дека избувнал пожар во еден од пристанишните терминали.

„Јасен приоритет на непријателот останува пристанишната инфраструктура на Одеса. Голем број беспилотни летала беа насочени од морето кон крајбрежната зона“, соопшти јужната воена команда на Украина.

Според прелиминарните информации од апликациите од Одеса во „Телеграм“, погодени се 5 цивилни објекти.

Во текот на ноќта беа лансирани вкупно 90 руски беспилотни летала, од кои 87 украинската армија успеа да собори.

Воздушен напад имаше и врз градот Лавов во западна Украина. „Ројтерс“ пишува дека украинската воздушна одбрана ги одбива нападите. Според градоначалникот на Лавов Андриј Садови, низ градот одекнале експлозии, а на местата на инцидентите избувнале пожари. Не се дадени повеќе детали.

Москва информираше исто така дека украинската армија го гранатирала градот Доњецк, кој е  окупиран во источна Украина. Според локалните власти назначени од Русија, четири лица загинале, а 13 се повредени.

На 29 декември Русија лансираше речиси 160 беспилотни летала и проектили врз украинските градови во најмасовниот воздушен напад од почетокот на војната. 31 лице загина, а над 130 се повредени. Воздушните напади продолжија и во следните денови.