„Кумот кој се дрзна да ги нарече Скопјаните Македонци, е непожелен во Грција. Неговите предлози кои го содржат името Македонија се одвратни и неприфатливи“.
Со ваква порака, наводно, вчера бил испратен Метју Нимиц од Атина од страна на припадници на ултранационалистичката „Златна зора“ откако медијаторот ги завршил разговорите со шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас.
Нимиц изрази оптимизам по средбата и оцени дека сега е време да се донесат одлуки, мислејќи на затворање на спорот околу името кој се влече веќе 2,5 децении.
Но, како што пишува „Дојче веле“, спротивно на оптимизмот на Нимиц, шефот на пратеничката група на опозициската Неа Демократија, Јоргос Кумицакос, по средбата со медијаторот рекол дека „информациите што ги добиле од господинот Нимиц не ја намалиле нивната загриженост“.
Според анкетите, дури 72 отсто од Грците сметаат дека прашањето за името на северниот сосед било „многу важно“, а 65 отсто од анкетираните го поддржуваат протестот за „одбрана на името Македонија“ кој е закажан за 4 февруари (недела) на плоштадот Синтагма во Атина.





