Има ли маж да го прекине огнот, прашува академик Ќулафкова во поемата за годината 2023

Академик Катица Ќулафкова во својата поема објавена вчера го раскажува тоа што го чувствуваат стотици милиони луѓе во светот и во Македонија.



Зборовите на професорката Ќулафкова одѕвонуваат во главните на сите што ги читаат.

Целата поема во продолжение

Да не се повтори: толку многу зло не е за добро

Времињата се менуваат, не секогаш на подобро.

Некогаш се раѓале пророци, денес лажни пророци.

Некогаш јунаци, денес кукавици.
Некогаш имало моќни кралства

Денес немоќни протекторати, гнили банани.

Некогаш светот се ширел, денес се стеснува.

Времињата се менуваат, со нив и мапите.

Едни се архивираат, други се бришат
и се допишуваат новите врз старите.
Мапа во мапа, сè додека не се заборави вистината.

Времињата се менуваат, војните повеќе немаат црвени линии.
Реки невина крв течат на сите страни.
Наместо жртвени јариња има жртвени народи
Има данок во крв и нечиста крв
Има озаконети злосторства и празни ветувања
Има премногу од тоа што не треба да има.

Времињата се менуваат, насилството е сè понасилно
Се рушат цели градови како куќи од песок и солзи
Се кршат луѓе како јајца стиснати во кошница
Се касапат деца небаре се диви свињи
Кај што имало големи цивилизации
сега има смачкани племиња!

Времињата се менуваат, а крволочноста ликува.
Кога умните молчат, злото зборува.
Природата е уморна од неприродна смрт
Пеколот е сит од пеколни сцени!

Има ли маж да го прекине огнот
Да нема крвна освета, да нема војни –
ни братоубиствени, ни граѓански, ни верски, никакви
Секоја војна е залудна на свој начин
И сите губат, и победата е пораз
И толку зло не е на арно, толку зло никаде не води
никаде, каде и да е тоа.

Академик Катица Ќулафкова
29.12.2023