Мукаетов: 2023 беше година на предизвици – но и година на инвестиции

  • 2023 година на глобално ниво беше исполнета со многу предизвици: Нестабилни цени на суровини, пад на индустриско производство во регионот, раст на инфлацијата, покачување на каматните стапки. Се соочивме со големи пореметувања во синџирот за набавки, флуктуации на цените и недостаток на некои суровини и материјали, но особено ми е драго што и покрај ваквите специфични услови на функционирање, ние успеавме да ги осигураме пласманите на сите педесет пазари каде сме присутни и да го задржиме континуитетот на раст на продажбите и надминување на зацртаните планови – вели Генералниот директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, во неговото обраќање до вработените на компанијата.  

Тој истакна дека, повторно, во кризни услови, и оваа година продолжиле со инвестициските активности. 



– За инвестициските потфати во изминативе пет години, чиј износ достигна сума од сто и четири запирка еден милиони евра, „Алкалоид“ го доби признанието за „Најголем инвеститор во регионот на Западен Балкан“ од страна на Регионалниот коморски форум Western Balkan Six. Во 2023 ја привршуваме изградбата на мега инвестицискиот проект „Таблетно одделение 2“ кој очекуваме да овозможи диверсификација и значително зголемување на нашите производствени капацитети за цврсти форми – нагласи Мукаетов.