„Со свирежи, навивање и плакати со разни натписи, младите од Европскиот сојуз за промени протестираа пред Судскиот совет во знак на револт кон иницијативата за разрешување на Беса Адеми од функцијата претседател на Врховниот суд. Тие обвинија дека ДУИ го заробила судството и посочија дека причината, поради која се бара разрешување на Адеми, е тоа што не дозволила да потпадне под притисокот од ДУИ за помилување и враќање на поранешниот премиер Никола Груевски.“ – објавија ТВ Шења и други медиуми на албански јазик во Македонија.
ТВ Шења пишува: „Денеска Судскиот совет ја испрашуваше претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, со цел да ја разреши. Јавно прашуваме: дали станува Судскиот совет партиски огранок на Демократската унија за интеграција со овие постапки?! Единствената вина на Беса Адеми е што не подлегна на притисокот на ДУИ за помилување и враќање на Никола Груевски како херој во Македонија.“ – реагира Европскиот сојуз за промени.
Според овој сојуз, во кој е обединета албанската опозиција, тие што му го отворија патот на Груевски да избега во Будимпешта, сакаат да му овозможат да се врати како херој за нивните интереси. „Судскиот совет целосно под влијание на одредени политички кругови го ‘казни’, поточно го награди судијата Енвер Беџети со само 30 отсто од неговата плата тогаш кога тој му прости на Сашо Мијалков, додека сега сакаат да ѝ се одмаздат на Беса Адеми и да ја разрешат само поради тоа што не ги слуша нивните директиви да се врати Груевски. Беса Адеми беше и претходно цел на невидени напади од порталите по директива на Прпарим Бајрами и Артан Груби, кои функционираат на 6-тиот кат во канцелариите на Артан Груби.“ – обвинува Европскиот сојуз за промени
„Заедно сме во оваа битка: младите, здружената опозиција, народот, чесните судии, меѓународниот чинител, а од другата страна се корумпираните политичари, кои го гледаат својот единствен спас во Груевски. Ги алармираме меѓународниот чинител и сите релевантни независни институции да реагираат, бидејќи ја надминува секоја мера сево ова што се случува.“ – се вели во реакцијата на Европскиот сојуз за промени.





