Македонија ќе ја тестира Хрватска пред ЕП во фудбал

Фудбалската репрезентација на Македонија ќе одигра контролен натпревар со Хрватска на 3 јуни во Риека, кој за освојувачот на бронзениот медал на последниот мундијал во Катар ќе биде проверка пред Европското првенство во Германија.



„Македонија е одличен противник за нас во првата фаза од подготовките за Евро. Станува збор за репрезентација која оваа есен ремизираше со Италија и со Англија на домашен терен, што покажува дека нè чека вистински тест преку кој ќе дознаеме каде се наоѓаме во тој момент и на што уште треба да работиме пред да заминеме во Германија. Со оглед на подготовките во Риека, сакавме да играме во ‘Руевица’ за да избегнеме дополнително патување, па овој договор исполнува сè што сакавме од тој прв натпревар во јуни“, изјави хрватскиот селектор Златко Далиќ, чии избраници на ЕП ќе играат во групата Б против Шпанија, Италија и Албанија.

Мечот во Риека ќе биде деветти меѓу Македонија и Хрватска, а во досегашните „коцкестите“ имаат пет победи, две средби завршија нерешено, а „црвено-жолтите“ славеа со 2:0 во 2007 година во Скопје во квалификациите за ЕП. Тоа е единствениот пораз на Хрватите во 22 квалификациски дуели одиграни во ноември, на кој му кумуваа головите на Горан Мазнов и на Илчо Наумоски во второто полувреме.