Корнети: Потребна е Македонска платформа за одбрана на сопственото постоење, против разнебитувањето на македонскиот народ и држава од соседите

„Дејствувањето на соседските политики спрема Македонија, со нескриени освојувачки и асимилаторски тенденции, изразени во разни платформи (албанската), институционални декларации (бугарската), билатерални договори (со Грција и Бугарија), како и отворено искажаната намера за навлегување партија од Косово во македонскиот изборен процес, предизвикува загриженост и прашање на каков начин да се активира македонскиот ‘одбранбен механизам’ против притисоците за самобришење.“ – ова се наведува во анализата со наслов „Семакедонска натпартиска политичка платформа“ на новинарката Јасминка Павловска, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Натаму, покрај другото, во анализата се изнесува: Во македонското Собрание и досега беа изгласувани резолуции, кои требало да бидат своевидни црвени линии во преговарачките процеси со Грција и со Бугарија. Но, и покрај тоа беа потпишани билатерални договори, кои се разбираат како македонска согласност за асимилаторско-националните и државно-територијалните стремежи на соседите.

Како што се зголемува притисокот од внатрешните етничко-политички чинители во Македонија, поддржани од надвор, но и непринципиелните барања од меѓународната заедница врз Македонија и Македонците, се покажува дека е неопходно потребна македонска платформа за македонските основни вредности, за кои нема преговарање. Во ова мракобесие од политички и геополитички притисок за релативизирање и редефинирање на македонството, таква платформа треба да биде последната брана и за да запре деградирањето на државата Македонија. Погазени се резолуциите на македонското собрание и ова ја нагласува потребата за таква јасна и категорична платформа, со набројани вредности, од кои Македонците не треба да отстапат, за да ја зачуваат државата за која самите се избориле. Непрестајното негирање и обиди за разнебитување на македонската држава и македонскиот народ од соседството, со премолчена поддршка од меѓународниот чинител, ја наметнуваат потребата да се реагира, заради одбрана на сопственото постоење, како платформа за вредностите, од кои не смее да се отстапи, за да биде почитувана рамноправноста на македонскиот народ и држава во меѓународната заедница.“ – вели поранешната амбасадорка Мелпомени Корнети.

Зошто е потребна македонска платформа?

Историчарката Наде Проева, универзитетска професорка по античка историја укажува зошто е потребна таква македонска платформа. Кога сите околу нас прават платформи, а само ние не правиме, се создава впечаток дека немаме поим како се прави, ниту како се чува државата. Бидејќи ние, Македонците, сепак имаме направено држава! Познато е со кои национални и државни вредности не смее да има пазарење. Молчењето кога се прави „трговија“ и разнебитување на тие вредности, наликува како да не се заинтересирани Македонците за својата држава. Со нашата платформа треба да кажеме дека сме тука, дека постоиме, имаме свои обележја како народ, кои треба да ги почитува меѓународната заедница. Таква македонска платформа е потребна, за да искажеме дека како Македонци, со своја суверена држава, ги имаме истите права и истите очекувања од меѓународната заедница и од меѓународното право како другите народи и држави.“ – укажува Проева.