Оља Ристова не беше избрана за Апелација од страна на Судскиот совет, па таквата одлука ја жали пред Врховниот суд, бидејќи била без соодветно образложение.
„Мислам дека тоа е така, бидејќи ако ја погледнете снимката и ги анализирате размислувањата на секој кандидат посебно, вие ќе видите дека кај кандидатот кој е избран, за кој немам ништо против, се употребени критериуми кои еднакво и јас ги имам. Кажано е дека е истакнат судија, со интегритет, многу професионален, па и предавал на школа за новинарите. Знаете и вие дека јас учествував на таа школа. Тоа е само еден дел кој би го кажала, каде субјективно се удвојувале делови од пријавите, за да едни бидат избрани, за штета на другите кандидати. Кога се гласаше за мене, немаше коментар од ниту еден од членовите на Судски совет, и покрај моите бројни активности, квалитетот и квантитетот кој го споменав и други активности надвор од судот каде сум активна“, додаде Ристова.
Според нејзиниот адвокат, Владимир Туфегџиќ, жалбата која сега ја поднеле, ќе помогне и на сите идни кандидати. Смета дека одлуката на бадентеровото мнозинство, да не гласаат за Ристова, а да гласаат за полошо рангирани кандидати, треба да се образложи детално.
„Според мене, ова е жалба во која се бранат основни елементарни принципи, се брани достинството на судиската професија и функција. Со оваа жалба се брани принципот на еднаквост и рамноправност, не само на жалителот, туку на сите сегашни и идни кандидати за избор на судии. Едноставно, само тоа е начинот да се воспостави еден праведен ред и од таа причина сметам дека жалбениот совет на Врховниот суд има во основа улога, со својата одлука по оваа жалба да воспостави унифициран став, правила за идно постапување на членовите на Судскиот совет, за да во иднина нема ситуација да имаме било каков сомнеж за евентуални политички или бизнис влијанија и евентуална злоупотреба на механизмот на бадентеровото мнозинство“, кажа Туфегџиќ.
За постапката на избор на судии во скопска Апелација реагирааше и од Коалицијата „Сите за правично судење“, од каде посочуваат дека Судскиот совет направил отстапувања од ранг-листата на кандидатите без соодветно образложение за секоја отстапка.






