Владата на Србија на почетокот на неделава објави одлука со која се дозволува влез во Србија и слободно движење на возилата со кособвски таблички RKS од 1 јануари.
Директорот на канцеларијата на српската влада за Косово, Петар Петковиќ, објасни дека одлуката произлегува од договорот меѓу двете страни од 2011 година, со посредство на Европската унија.
„Не ги преминавме црвените линии за зачувување на националниот интегритет и суверенитет“, рече Петковиќ.
Тој додаде дека „регистерските таблички не се симбол на државноста“ на Косово, кое Србија не го признава и одбива да се согласи за влез на Косово во меѓународните институции, вклучително и Обединетите нации.
Косовскиот премиер Албин Курти ја оцени одлуката на српската влада како „обид да се минимизираат критиките од меѓународната заедница по нерегуларностите и измамите“ на неодамнешните избори.
„Одлуката за слободно движење низ Србија со регистарски таблички РКС доаѓа по повеќе од 10 години неспроведување на претходните договори“, изјави Курти, како што пренесоа белградски медиуми.





