Обединетата македонска дијаспора (ОМД) повторно во соработка со World Medical Relief од Мичиген и медицинската мисија Dattilio од Вермонт испорача медицинска опрема во вредност од 450.620 американски долари, овој пат во клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола.



Од 2004 година, ОМД помага или донира над 1,5 милиони американски долари во добротворна и хуманитарна помош за Македонија.

На промотивниот настан во овој град, министерот за здравство Фатмир Беџити истакна дека со донацијата се врши зајакнување на потенцијалот на ЈЗУ Клиничка болница-Битола.

Јавна благодарност до донаторот упати директорката на ЈЗУ Клиничка болница-Битола, Елизабета Ивановска која рече дека опремата е од големо значење и оти со неа ќе се подигне степенот и квалитетот на здравствените услуги и здравствената нега на пациентите од целиот регион.

Гордан Јорданов, од Обединета македонска дијаспора, пак, посочи дека за нив било предизвик да придонесат за подобрувањето и модернизирањето на здравствените установи. Нашата мисија, рече Јорданов е да ги оспособиме и осигураме медицинските установи за да може да ги услужат сите пациенти на кои им е потребна здравствена помош.