Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик изјави дека има пријатели во светот кои ќе спречат меѓународна воена интервенција во случај Република Српска да прогласи отцепување од Босна и Херцеговина.
Во интервју за телевизијата Рерублике Српска (РТРС), Додик се закани дека отцепувањето, односно прогласувањето на независна РС, ќе следи во истиот момент ако високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, евентуално воведе закон со кој ќе се реши статусот и правото на располагање со државниот имот.
Тој вели дека има информации дека ваква одлука би можела да следи во јануари и најави дека во тој случај Собранието на РС веднаш ќе се состане и ќе прогласи отцепување.
Тој објасни дека тоа значи „независност (од Босна и Херцеговина) во сè“, со што РС нема да го спречи преминувањето низ нејзината територија, односно да воспостави „тврда“ граница кон Федерацијата Босна и Херцеговина, но тоа ќе го направи доколку неопходно.
„Не очекуваме дека некој од Федерацијата Босна и Херцеговина ќе биде охрабрен да ја нападне РС. И во такви околности, ќе процениме како ќе постапиме. Очекувам ЕУФОР да застане на линијата меѓу ентитетите и да спречи контакт” рече Додик.
Тој оцени дека во ваквото сценарио „Американците ќе збеснат и ќе се обидат да побараат интервенција“, но смета дека пријателите на РС тоа нема да го дозволат.




