НМ: Сакаат нов устав, за да замине Македонија во заборав и да се остварат идентитетскиот инженеринг и новата „северномакедонска нација“!

„Донесувањето целосно нов устав во суштина значи и нов почеток на секоја држава. Можеби и намерата е да се воспостави некоја нова држава, која ќе почнува од промената на името, за да замине Република Македонија во заборав многу полесно. Така полесно и ќе се реализира идентитетскиот инженеринг при создавањето нова ‘северномакедонска’ нација.“ – се нагласува во анализата со наслов „Нов устав значи крај за историскиот континуитет на Македонија“ на новинарот Сашо Таневски, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Повторно заживуваат идеите за поинаков концепт и рекомпонирање на македонската држава

Натаму, во анализата се изнесува: Откако стана јасно дека нема услови за уставни измени, имајќи ја предвид сегашниот распоред и сооднос на политичките сили во Собранието, но и противењето на мнозинството македонски граѓани, за да бидат впишани Бугарите во македонскиот устав како услов да продолжат евроинтеграциите, повторно се актуелизираат некои идеи за донесување целосно нов устав. Тој устав би требало да ја „отсликува новата реалност во државата“.

Изнесувач на идејата е првиот човек на Алијансата на Албанците Арбен Таравари, според кого со донесувањето нов устав ќе се овозможи државата да тргне напред. „Можеби е легитимно да се зборува и за нов устав, кој ќе овозможи државата да оди напред.“ – смета Таравари.

Намерата на ваквата идеја е да се прекине секаква врска на независната македонска држава, воспоставена врз темелите на АСНОМ, сето тоа зацементирано со Уставот донесен во ноември 1991 година. Тој устав беше резултат на народната волја и на народното изјаснување на референдумот, на кој се одлучуваше за независна Македонија, врз основа на традициите на АСНОМ и на Илинден. Македонскиот устав од тогашните европски уставни експерти на чело со Роберт Бадентер беше оценет како еден од најдобрите европски устави. Сега некој сака да ја погази таа волја.

Нов устав ќе значи нов концепт на државата, во кој ќе има и дводомен парламент, официјални два јазика, повеќе државотворни народи, ќе се официјализира повеќенационална држава. Нов устав им оди во прилог на Албанците, но и на соседните земји, кои многу полесно ќе го проблематизираат македонскиот идентитет. Нам не ни треба нов устав, туку ни треба нашиот устав исчистен од сите фелери и аномалии, што му се надградија овие изминати години, кои направија од него правен ‘франкенштајн’. Уставот треба да се врати на својата изворна форма, во која македонскиот народ и македонскиот јазик се носители на државотворноста.“ – посочуваат експертите за уставни прашања, со кои разговаравме околу идејата за нов устав.

Тие уставни експерти истакнуваат без никакви резерви дека подготвувањето целосно нов устав ќе го прекине историскиот континуум на Македонија и на македонскиот народ. Штом ќе се изгласа нов устав, тоа ќе значи нова држава, нов почеток. Тоа ќе значи дека сè започнува со * Македонија, другото ќе отиде во заборав. Така и ќе се официјализира полесно новиот идентитетски инженеринг. Имаме добар устав, не ни треба нов, треба само да ги отстраниме ‘дивите меса’, што беа всадени во него под притисок од надвор.“ – заклучуваат нашите соговорници.