Не можејќи да одгатне што нѐ чека во новата 2024 година, новинарот Ерол Ризаов ја прашал и вештачката интелигенција: Што ќе се случи со * Македонија вгодина? Создадена со цел да ја дополнува природната интелигенција, оваа му одговорила на Ризаов: „Без уставни измени и продолжување на преговорите, но и без храбро остварување на реформите Македонија оди во ќорсокак, во голема неизвесност!“ Оваа „вештачко-интелигентна прогноза“ е содржана во заклучниот дел на колумната со наслов „Што не чека во новата 2024 година?“ на споменатиот новинар, која е објавена на порталот на Дојче веле на македонски јазик. „Ќе ни треба многу среќа кога нема доволно памет.“ – нагласува Ризаов. Можеби затоа и ѝ се обратил на вештачката интелигенција…
Натаму, тој во колумната се „дума“: Отсуството на одговор од ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски каква е нивната политика навистина ја прави прилично нејасна позицијата кои ќе бидат одлуките, ако победат на изборите и ако формираат влада. Дали ќе најдат подобри решенија за уставните измени и дали ќе продолжат преговорите со ЕУ, или ќе понудат други патишта за иднината на Македонија? Ако се планира воопшто да не се стават Бугарите во Уставот и да не продолжат преговорите со ЕУ, да се бараат трети патишта тогаш тоа политика на салто мортале за ВМРО ДПМНЕ, за Мицкоски и за Македонија.
Многу е извесно дека победата на коалицијата за европска Македонија и на коалицијата на ВМРО ДПМНЕ не гарантираат двотретинско мнозинство во Собранието. Ако нема да имаат победниците 80 пратеници, тогаш ќе ја гледаме истата трагична драма на блокади. Ете ти ја кутра Македонија во очајната чекалница на патот за Европа каде поради политичари- кукавици чекаме повеќе од 25 години.
Ако победниците обезбедат контрола на повеќе од 80 пратеници, тогаш ете ти страховлада, режим и заробена држава. Истото може да ни се случи и по 20 години кога некој ќе пишува на вчудоневидување на жителите во големиот пензионерски дом „* Македонија“ дека сме ја испуштиле шансата поради Бугари во Уставот да не бидеме членка на ЕУ.
За секој случај ја консултирав и вештачката интелегенција. Еве што вели вештачката интелигенција на прашањето: Кои се вашите предвидувања, што ќе се случи со Северна Македонија во 2024 година? Крајниот заклучок е: без уставни измени и продолжување на преговорите и храбро остварување на реформите Македонија оди во ќорсокак, во голема неизвесност. И вештачката интелегенција потврдува дека тоа е најточниот одговор на прашањето од насловот на текстот. Во 2024 ќе ни треба многу среќа кога нема доволно памет и храброст.





