„Бота сот“: Со вмешувањето на Курти и Ветвендосје во трката за власт во Р*М ќе започнат кршењето на монополот на Али Ахмети и падот на ДУИ

„Ветвендосје (Самоопределување) официјално се вмеша во трката за власт во * Македонија, приклучувајќи ѝ се на албанската опозиција во коалиција. Аналитичарот Фатон Мехмети од Косово вели дека учеството на Ветвендосје (Самоопределување) во * Македонија ќе ги разбранува многу водите таму и за македонската и за албанската страна. ‘Со тоа започнува кршењето на монополот на Али Ахмети. Тоа е и почеток на падот на ДУИ во Македонија.’ – нагласува Мехмети.“ Ова се наведува во политичката анализа под наслов „Се поздравува вклучувањето на Ветвендосје (Самоопределување) на изборите во * Македонија – се најавува кршење на ‘монополот’ на Али Ахмети“, која ја објави косовскиот весник на албански јазик „Бота сот“.



Покрај другото, во оваа анализа натаму пишува: Според Фатон Мехмети, конечно голема е можноста да триумфира албанската опозиција. „Се чувствува нелагодно и македонската страна, знаејќи ја големата поддршка на Курти таму. Сепак, нема да има големи ефекти од учеството на Ветвендосје (Самоопределување) на изборите во 2024 година. Но, во период од четири години овој ефект многу ќе се почувствува и ќе ги разниша темелите на ДУИ и на македонските и српските партии таму.“ – заклучува Мехмети.

Политичкиот аналитичар Сулејман Мехази од Тетово вели дека е добредојдено официјалното вклучување на Ветвендосје (Самоопределување) во трката на парламентарните избори. Според Мехази, премиерот на Косово Албин Курти е политичар со најголема доверба кај албанските граѓани во * Македонија.

„Проблемот е колку ќе биде успешно Ветвендосје (Самоопределување) на парламентарните избори во 2024 година. Албанските граѓани знаат само за Беким Ќоку, советникот за * Македонија на премиерот на Косово Курти. Но, тие не знаат кој е на чело на Ветвендосје (Самоопределување), не знаат кои се раководители на ограноците и подограноците во албанските општини на * Македонија. На Ветвендосје (Самоопределување) му недостигаат партиски структури од горе до долу. Ова предизвикува сомнеж колку ќе може партијата на Курти да се соочи со ДУИ, која има 20-годишно искуство во владеењето и е навлезена во секое ќоше на албанските граѓани.“ – нагласува Мехази.