Ќоку, можниот кандидат за избори во „идиотската држава Р*М“, како ја нарече во 2021, навестил: „Бугарија и Ветвендосје ќе соработуваат како партнери“!

„Лидерот на Беса Билал Касами изјави во интервју за Алсат дека Беким Ќоку од Ветвендосје (Самоопределување) ќе биде дел од листата за пратеници на претстојните парламентарни избори во Македонија  во 2024 година.“пренесе информативната агенција на албански јазик „Журнал“. Ќоку, жител на Струга, е официјален претставник на оваа владејачка партија од Косово и политички советник на нејзиниот лидер и премиер на Косово Албин Курти.



Инаку, Беким Ќоку, за кого се најавува дека ќе се стреми да стане дел од законодавниот дом на Македонија, за таа иста држава во своја колумна пренесена на 22 април 2021 година на информативниот портал „Струга експрес“, покрај другото, ќе го каже и ова: „Може да има и посиромашна држава од оваа * Македонија, но никако нема поголем идиот од оваа држава!“

„Журнал“ пренесува: „Лидерот на БЕСА Билал Касами во интервју за ТВ Алсат зборуваше за последните политички случувања, со кои албанската опозиција се најде во центарот на вниманието, особено со присуството на членот на косовската партија Ветевендосје на отворањето на централниот штаб на Европскиот сојуз за промени, кој е сочинет од трите албански опозициски партии Беса, Демократското движење и Алтернатива. „Присуството на Беким Ќоку навести дека тој ќе биде дел од листите за пратеници на следните избори.’ – рече Касами.“

Тој додаде дека Ќоку ќе биде еднаков како и сите други кандидати. „Не сме разговарале кој ќе биде на изборните листи, но се договоривме со коалицијата Ќоку да биде еднаков со сите. Духот на Ветевендосје не е да не дели, туку да ја поддржува  промената, што треба да се случи овде кај нас. Присуството на Ќоку и на секој граѓанин во нашите списоци покажува дека овие списоци им припаѓаат на Албанците и оти оваа победа повеќе им припаѓа на Албанците, отколку на луѓето кои ќе бидат на списокот. Во овој дух ги покануваме Алијансата за Албанците и нејзините гласачи да бидат таму каде што се прави промената.’ – рече Касами.“

Но, кои други политички ставови застапува стружанецот Беким Ќоку, кој е и поранешен пратеник од редовите на Демократската партија на Мендух Тачи во македонскиот Парламент, а се подготвува за можно повторно влегување во него?

На 28 февруари 2021 година информативниот портал на албански јазик „Актуале.мк“ од Македонија ги пренесе, покрај другите ставови, и следниве тешки навреди, кои ги искажа Беким Ќоку на адреса на македонскиот народ во интервјуто дадено за бугарскиот медиум „Општество.нет“: „За научните искривоколчувања, фалсификати и навреди кон Бугарите од страна на институциите во * Македонија гласно зборуваат и официјална Софија, премиерот Бојко Борисов, министерката за надворешни работи Захариева, или Каракачанов, министерот за одбрана. Но сево ова им чини чест на бугарската држава и на бугарскиот народ! Македонците страдале отсекогаш од комплекс поради своето потекло. Тој комплекс, кој им го предизвикува празнината во нивниот идентитет, го надоместуваат со инженеринг на стереотипните реалности на Другиот, со дехуманизацијата на заостанатиот Албанец, симнат од планината, кој е дојденец, или со фашистичкиот Бугарин со деформирана телесна градба. Македонската самосвест му го отстапи местото на македонскиот комплекс.“

Локалниот информативен портал „Стругалајм“ во интегралната верзија на тоа интервју за „Општество.нет“, дадено од Ќоку, ќе го нагласи и следниот негов став, кој ќе мора да се запомни и да се има предвид кога и официјално косовската партија Ветвендосје и нејзиниот лидер ќе земат учество на македонските парламентарни избори со своите кандидати, ако им се дозволи тоа од страна на Државната изборна комисија: „Лидерот на Ветвендосје Албин Курти ги нагласуваше и ги фаворизираше во многу случаи новите балкански сојузи меѓу Албанците, Бугарите и Хрватите во Балканот и во Германија, во Европа. Оценувам дека бугарската држава и Ветвендосје ќе изнајдат меѓусебно партнерство за јасна и сериозна соработка.“

Во својата колумна со наслов „Албанската пролет во * Македонија започнува од Косово“, објавена на 14 септември 2019 година во „Стругалајм“, покрај другото, Ќоку тогаш го има цитирано следниов ставо на Албин Курти, како лидер на Ветвендосје: „Албанците во * Македонија се мојата најголема грижа.“

„Ако Албанците се сметаат како клучните чинители и актери за потопувањето на шовинистичкиот груевистички режим, тогаш исклучителната заслуга и активна улога ја имаше токму Албин Курти. Албин Курти и Ветвендосје ќе го раскинат синџирот, со кој се оковани Албанците од * Македонија и ним ќе им ја вратат надежта, ќе ја спречат насилната хегемонистичка политика и диктатот, кои се вршат врз Албанците.“ – ќе истакне тогаш Беким Ќоку, кој ќе биде со овие свои и вакви ставови многу веројатно и еден од главните кандидати за пратеник на парламентарните избори в година во Македонија од редовите на коалицијата на албанската опозиција и на косовско Ветвендосје.

Освен ако не донесе некоја поинаква одлука Државната изборна комисија, или другите институции на државата, надлежни за спроведување на изборите…