Догодина на институциите нема да им треба потпис на министерот за финансии за вработувања во јавен сектор, па така веќе кружат речиси 1.000 нови огласи за државни вработиувања. Министерот за информатичко општество и администрација, пак, Азир Алиу е убеден дека со новите законски решенија кои се во собраниска процедура ќе се намали вработувањето на партиските кадри со кои се полнат институциите, а Македонија ќе добие јавна администрација по европски стандарди. Вели дека ова не било партиски поткуп, туку задржување на работниците во земјава.
„Тие не се нови вработувања, туку се вработувања на луѓе коишто преку агенциите беа дел од тие институции. Со новите закони, од 2025 година, нема да може да има вработувања преку агенција за привремени вработувања. 2024 година ќе биде година на оптимизација на човечките капацитети во сите институции според новите закони“, рече Алиу.

Тој ги отфрла критиките дека ова се предизборни вработувања.
„Процесот е отворен, за да немаме вакви критики, не се донесе одлука директно истите луѓе кои со години работат да се префрлат од определено на неопределено, туку процесот е отворен и сега може да конкурираат и луѓе кои не се дел од тие институции“, рече министерот.
Како што објасни Алиу, со новиот закон, на почеток на годината до МИОА се доставува годишен план и систематизација, според кој има предлог буџет за таа институција.
„Кога има буџетирана ставка за вработувања и годишен план, вие како менаџер, менаџирате со човечкиот фактор, во кој период каков профил ви треба“, одговори министерот.
Предлогот за нови вработувања стартува од први јануари, па така, секое министерство, претпријатие, акционерско друштво, агенција, општина сама ќе го прави планот за вработување, потврди министерот за финансии Фатмир Бесими. Тој не гледа ништо спорно што предлогот е пред избори, и се правда дека тоа е дел од измените во Законот за буџет кој е во собраниска процедура.





