Дали Ветвендосје се вмешува во изборите во РМ, за да не биде „држава на Славомакедонците, туку македоно-албанска држава“, обединета со Косово?

„* Македонија досега е држава на Славомакедонците, но вистината е дека таа е македоно-албанска држава! Албанците треба да бидат опозициски настроени, да бидат спротивставени кон оваа држава. ДУИ е партија на режимот во * Македонија, во која Албанците не постојат и во која тие не се творци на власта. Затоа Ветвендосје ја поддржува албанската опозиција.“ – овие ставови ги изнесе Елвис Хоџа на 21 ноември годинава како влијателен член на Претседателството на владејачката косовска партија Ветвендосје (Самоопределување – заб.прев) и нејзин идеолог во интервјуто дадено за ТВ Алсат и пренесени од информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА.



Овие ставови на Хоџа, како најгрубо и најдиректно вмешување на еден меѓународен протекторат во внатрешните работи на Македонија, беа најава дека Ветвендосје „нема да стои со скрстени раце“ и оти заедно со албанската опозиција ќе настапи на парламентарните избори во Македонија. Беса, Алтернатива и Демократското движење вчера потврдија дека заедно со Ветвендосје на Албин Курти ќе учествуваат со заедничка кандидатска листа на македонските избори во 2024 година. Притоа, целта на Ветвендосје е да стане дел од власта во неа, или можеби и доминантен дел од следната Влада, ако победат на изборите.

„Духот на промената започна во Косово, а се пренесе и во Прешевската Долина (на југот на Србија – заб.прев.). Без сомневање ГОЛЕМА ПРОМЕНА ДОАЃА И ВО  * МАКЕДОНИЈА!“напиша вчера лидерот на опозициското Демократско движење Изет Меџити на својот фејсбук-профил.  „Ќе работиме врз заедничка политичка програма, која ќе ја опфаќа и политичката програма на Ветвендосје. Заедничка ќе биде и предизборната кампања. Ветвендосје ќе биде дел и од заедничките кандидатски листи, како партија ќе има и свои кандидати за пратеници на изборите.“ – изјави вчера за медиумите лидерот на Демократското движење Изет Меџити.

Каква „голема промена дека ќе дојде и во *Македонија“ најавува Изет Меџити? Дел од одговорот на ова прашање даде Беким Ќоку, официјалниот претставник на Ветвендосје и советникот на Албин Курти, премиерот на Косово, за Македонија, во изјавата која ја пренесе ТВ 21: „Ветвендосје ѝ помага на албанската опозиција, за да се отстрани дискриминацијата на Албанците.“

Можен, или и веројатен одговор на прашањето каква „голема промена дека ќе дојде и во *Македонија“ даде и лидерот на Беса Билал Касами. Само седум дена по споменатото интервју на Елвис Хоџа, на 28 ноември годинава, на Денот на основањето на независна Албанија, Касами ги повика „Албанците да се обединат“ и порача: „Овде во Тетово да ги обединиме Косово и Македонија, да го направиме Косово втора албанска држава, а после него да ја направиме и Македонија албанска држава, зошто да не.“ Тој ден во Тетово албанската опозиција потпиша со косовско Ветвендосје  „Декларација за заедничко дејствување“.

Како што извести информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА, лидерот на Беса Билал Касами вчера изјавил: „Ќе се бориме не за власт, туку државата да им служи и на Албанците толку колку што и на Македонците. Албанците и Македонците да бидат третирани на еднаков начин од државата.“

Невиденото и недозволиво вмешување на Ветвендосје во политичкиот живот во Македонија отвора голема дилема: дали таа косовска партија ќе го поттикне и покренувањето на прашањето на националното самоопределување на Албанците во Македонија? Што повлекува самото по себе, според автоматизам, и право на создавање албански државотворен ентитет во северозападниот дел на Македонија?

Идеологот на Ветвендосје Хоџа е многу јасен, велејќи дека „* Македонија досега е држава на Славомакедонците, но вистината е дека * Македонија е македоно-албанска држава“. Тоа може да се толкува и како програмска заложба за редефинирање на уставно-правниот поредок и на политичкиот систем во Македонија: таа да не биде повеќе унитарна држава „само на Славомакедонците“, туку да се претвори во федерација на два државни ентитета. Одговорите на оваа дилема ќе ги дадат политичките случувања во Македонија в година, особено по завршувањето на изборите.