Македонија одново е хит меѓу жителите на Благоевград за славење на божикните и новогодишните празници, пишува бугарскиот портал „Пиринско“.



Најактуелни се еднодневните патувања за забава, цената на пакетот варира од 50 до 55 лева, а тој вклучува превоз, ручек, а понекогаш и лотарија со изненадувања.

„Забавата е загарантирана“, вели Ива Илиева, експерт за организирани патувања и претставник на туристичката агенција „Бугарија арт травел“ од Благоевград, додавајќи дека освен ниските цени, другото нешто што ги импресионира оние кои сакаат да патуваат во Македонија е вкусната храна.

„Туристите ги привлекуваат прочуените плескавици и убавата македонска кујна, кои се и со доста пониски цени. Две плескавици со прилог, две кафиња и две мали шишиња минерална вода, помфрит и две мали ракии чинат само 16 лева. Келнерите примаат дури и бугарски монети. Понудите за прославите опфаќаат мени со пет јадења и неограничено консумирање алкохолни и безалкохолни пијалоци“, вели Ива Илиева.

„Луѓето претпочитаат да патуваат во Северна Македонија, каде што можат да се забавуваат во поинаква атмосфера. Меѓу другото, понудите за прослава вклучуваат музика во живо, како и медицинско осигурување за патувања во странство. Цените за свечен ручек со патување од Благоевград варираат од 50 до 55 лева, во зависност од ресторанот и оддалеченоста од границата“, прецизира таа.