Службата за информирање на владата информира дека премиерот Заев на World Economic Forum во Давос, учествувал на дебата на тема „Забрзување на долгорочниот развој на Западен Балкан“ каде порачал дека “земјите од Западен Балкан, без разлика на степенот на нивниот напредок во преговорите со ЕУ, можат многу да придонесат за сите земји од регионот и за секој сосед, доколку негуваат позитивен и искрен пристап и доколку, некогашните и непродуктивни провокации ги заменат со добра волја и дијалог”.
Според македонскиот премиер “Секој треба да покаже грижа за соседите, а лидерите на Западен Балкан треба да настојуваат да му дадат на светот еден нов Балкан во кој ќе нема конфликти, туку само соработка и така ќе се стекне почитта и ќе се оправда поддршката на нашите стратешки партнери во регионот”.
Заев нагласил дека е важен напредокот на секоја од земјите од регионот и дека е илузија дека една земја ќе напредува правејќи ѝ штета на друга.
На дебатата учествувале и претседателите на Република Србија, Александар Вучиќ и на Република Косово, Хашим Тачи, премиерите на Република Бугарија, Бојко Борисов, на Република Црна Гора, Душко Марковиќ, на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, на Република Албанија, Еди Рама, како и претседавачот на Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ, свој придонес имаа и Јоханес Хан, комесарот за соседска политика и за проширување на Европската Комисија, потсекретарот за политички прашања на УНДП Џефри Фелтман, како и извршни директори на неколку големи компании со свои бизниси во регионот на Западен Балкан.
Фотографијата од средбата на најдобар начин илустрира до каде е Западниот Балкан со половата еднаквост во политиката.
Во Давос сите присутни лидери од регионот биле мажи а само две жени од сите земји имаат високи државни извршни функции, српската премиерка Брнабиќ и хрватската претседателка Грабар – Китаровиќ.





