Од Македонското друштво „Илинден“ Тирана велат дека откриениот скандал со лажните потврди за бугарско потекло во Голо Брдо е доказ повеќе за „проблематичниот попис“.
Друштвото ја поздравува ангажираноста на новинарите на емисијата Фикс фаре, на телевизија Топ чанел, за истражувачката сторија во која се потврдува како за пари се издава лажна потврда за бугарско потекло во административната единица Острени, областа Голо Брдо.
„Голема благодарност до новинарите на оваа позната емисија, која до сега има откриено низа коруптивни афери. Тоа е уште една потврда за она што ние редовно предупредувавме, дека пописот во Република Албанија беше следен од многу проблеми и нерегуларности. Исто така ја поздравуваме и експресната акција на полицијата која ги приведе трите лица вмешани во овој скандал“, стои во реакцијата.
Додаваат дека Македонците поради сиромаштијата и неможноста да обезбедат основна егзистенција во местото на живеење се принудени да аплицираат за бугарски пасоши за да можат да заминат во некоја од западноевропските земји за да ја обезбедат основната егзистенција.
Со оглед на последните случувања во врска со лажните потврди, јасно е дека бројот на т.н. Бугари во Република Албанија ќе биде само лажна бројка потребна да се задоволат апетитите на Бугарија, која како членка на Европската Унија ја уценува Република Албанија со вето на нејзиниот пат кон европското семејство“, се констатира на крајот на соопштението потпишано од Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото и Фатри Фетаху, претседател на огранокот за Голо Брдо.
Албанската полиција уапси три лица вмешани во скандалот, а на вчерашната попладневна итна седница на Советот на општина Булќиза, каде територијално припаѓа административната единица Острени, разрешени се адмнистраторот на единицата, Љуан Мјештри и секретарот на Советот, Фитим Бала.
За 950 евра издавале документи за бугарско потекло според истражувањето на новинарите. За време на пописот во Албанија, Македонците алармираа дека поединци, но и институции од Бугарија со нудење на телефони, таблети и пасоши, се обидувале да ги натераат луѓето да се изјаснат како Бугари, пренесува Фактор.мк.






