Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш им оддаде почит на загинатите работници на меѓународната организација во војната во Газа.



„136 наши колеги во Газа се убиени за 75 дена – нешто што никогаш не сме го виделе во историјата на ОН“, напиша Гутереш на социјалната платформа „Х“.

„Повеќето од нашиот персонал е протеран од своите домови. Им оддавам почит на нив и на илјадниците хуманитарни работници кои ги ризикуваат своите животи за да ги поддржат цивилите во Газа“, рече Гутереш.

Во друго соопштение, генералниот секретар на ОН повторно ги критикуваше акциите на Израел во конфликтот.

„Начинот на кој Израел ја спроведува оваа офанзива создава огромни пречки за дистрибуција на хуманитарна помош во Газа. За ефикасно да се достави хуманитарна помош во Газа, потребна е безбедност и персонал кој може да работи во безбедни услови“, напиша Гутереш.

По неколкудневна дискусија, Советот за безбедност на ОН вчера изгласа резолуција со која се бара зголемување на хуманитарната помош за приближно два милиони луѓе кои имаат потреба во Појасот Газа.

Сепак, најмоќното тело на организацијата усвои компромисен текст во Њујорк, кој не бара итен прекин на огнот, на што се надеваше Гутереш.