Финансиската полиција в понеделник влегува во град Скопје. Ќе проверува колку и како се потрошени пари за новогодишното украсување на градот. Директорот на финансиската полиција Горан Иванов за Телма потврди дека ќе се проверува исклучиво тендерот за конкретната набавка, односно за украсување на град Скопје. Новогодишното украсување предизвика негодување и потсмев кај граѓаните, а од Град Скопје ги отфрлија тврдењата дека немало јавен повик за украсување на градот, но не покажа документи.

Градоначалничката Арсовска за Сител вели дека китењето чини 30 илјади евра, но повторно не сакаше да каже кој украсува за таа сума.
- – „Јас не би коментирала повеќе, само ќе ви кажам дека повикани се јавните институции. Ќе си дојдат, ќе си проверат. Тоа не го прави градоначалникот, туку го прави соодветна комисија во Градот Скопје и дека доколку било кој смета дека 300 илјади евра е сумата која треба да се плаќа на компаниите, односно да си плаќа некој на својот кум за да го кити Градот, јас мислам дека институциите треба малку посериозно да се позанимаваат со сите овие работи кои се случуваат во општеството. Знам дека овие корумпирани политичари кои седат на фотелјите 30 години сигурно дека нема нешто што повеќе би сакале во светот, а тоа е да погрешам нешто некаде. Меѓутоа, јас не грешам“ – рече Данела Арсовска, Градоначалничката на Град Скопје.
Арсовска тврди дека распишала јавен повик за украсувањето, но досега никој го нема видено ниту повикот, ниту склучениот договор. На веб страната на Град Скопје каде се објавени сите јавни повици, повик за новогодишно украсување нема.





