„Дали патриотизмот без национален идентитет воопшто може да биде патриотизам?“ – ова прашање е содржано во анализата со наслов „Да се модернизира емоционалната поврзаност со татковината и со нацијата?!“ на новинарката Јасминка Павловска, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Претседателот Стево Пендаровски во обид да го редефинира патриотизмот:
Покрај другото, во анализата пишува: Во последното годишно обраќање од својот мандат пред македонското Собрание, и претседателот Стево Пендаровски посочи дека во јавниот простор на социјалните мрежи последниве години се водат вистински војни за тоа кој е поголем патриот или предавник и порача дека е крајно време да го редефинираме патриотизмот, кој во една модерна форма, индивидуално и колективно треба да се темели на интегритетот на личноста и лојалноста кон државата.
„Патриотизам е кога не ја злоупотребувате функцијата за лично богатење, кога квалификувани лица доаѓаат на чело на институциите. Патриотизам е кога оставате простор вашите политички противници слободно да го кажат своето мислење, кога покажувате витешки однос кон оние со кои не се согласувате. Патриоти се оние што работат за подобри јавни услуги, подобро образование и здравство. Тие не ја загадуваат животната средина.“ – рече претседателот Пендаровски во обраќањето во Собранието.
Во неговата идеја за редефинирање на патриотизмот во вредностите, што би биле застапени во новата дефиниција, ја нема народносната, националната идентификација. Спорно е: дали и според современите стандарди е потребно да се исклучи националната/народносната идентификација? Дали патриотизмот без национален идентитет воопшто може да биде патриотизам?
„Искуствата покажуваат дека не поминува во реалноста таков концепт на патриотизам без народносно определување. Современите политичко-историски теоретичари сѐ повеќе укажуваат дека во сите политички турбуленции, геополитички поместувања, глобализација, неолиберализам, сепак не се покажуваат тенденции дека кај нациите во светот се губи народносното определување. Во 21 век со сопствена држава самите Македонци го ставаме постоењето на македонскиот национален идентитет во некакво преиспитување и предефинирање. Македонскиот народ не смее да дозволи да се самоукине со анационален патриотизам.“ – вели историчарката Наташа Котлар-Трајкова.





