Алармот е пуштен, па се поставува прашањето дали ќе се затвори македонското небо?! Синдикатот на контролорите на летање, засега не отстапува. Членството утре напладне ќе се собере и заеднички ќе реши дали ќе го одржат предупредувачкиот штрајк во понеделник од 10 до 17 часот и потоа повторно уште два дена, од 31 декември до 2 јануари.

- – „Ние немаме проблем со министерот или со некој од Влада. Ние проблем имаме со нашите директори кои не ги почитуваат работите кои беа договорени. Ќе им пренесеме утре на членството и ќе знаеме дали ќе има промена околу цела оваа активност“ рече Александар Тасевски, претседател на Синдикатот на контролорите на летање.
Министерот за транспорт пак е убеден дека контролорите на летање ќе го откажат најавениот штрајк. Со претседателот на синдикатот имале продуктивен разговор, но конечен договор нема.

- – „На сите прашања се работи во координација со Синдикатот. Остана уште едно прашање на кое вчера дискутиравме. И граѓаните да бидат сигурни дека правиме сè, правиме напори и убеден сум дека контролорите од таа најава ќе отстапат. Тие ќе имаат свој состанок, но по она што го дискутиравме и двајцата заклучивме дека интересот на граѓаните и на државата мора да биде пред сè и над сè“ рече Благој Бочварски.
Инаку, најавата за штрајк следи откако раководството на М-НАВ распишало два огласи со критеируми кои, според синдикатот, се спротивни на договорот кој го постигнаа пред три месеца, а кадарот кој сакаат да го вработат не е потребен.





