Челиковиќ: „Северномакедонизирање“ на „македонските работи“ во Скандинавија – зачестува „Северномакедонци“, „северномакедонски јазик“…

Македонските дипломати во Норвешка, веројатно притиснати од премногу други обврски и ангажмани, ‘заборавиле’ дека не треба да ја употребуваат придавката ‘северномакедонски’. Деновиве им се случилa малa ‘грешка’, па во соопштение објавено на официјалната фејсбук-страница на Македонската амбасада во Осло напишале ‘…пијалоците од северномакедонски винарии…’ Со тоа им се придружија на многубројните туристички агенции во Скандинавија, кои веќе подолго време нудат аранжмани за ‘Северна Македонија’ во чии рамки е предвидена и посета токму на „северномакедонски винaрии“. Се рекламираат и викенд-тури за Скопје и разгледување на спомениците со ‘цени од северномакедонската историја’. Откако нивниот пропуст беше објавен во македонските медиуми, во Македонската амбасада во Норвешка реагирале веднаш и си ја поправиле грешката.“ – алармира новинарот Ивица Челиковиќ во својата колумна со наслов „Сизифовска борба со северномакедонски жиг“, која ја објави весникот „Слободен печат“



Натаму, Челиковиќ пишува: На чуден и симболичен начин зелката продолжува да се „опира“, за да не ѝ биде конечно залепена етикетата „северномакедонска“. Скандинавските продажни синџири, по потпишувањето на Преспанскиот договор, долго време продолжија да ја продаваат како производ од Македонија, само со ознака македонска зелка. Тоа така потраја сè додека некои не се сетија, или додека некој „добронамерно“ не ги потсетил дека земјата на потеклото си го сменила името, па така на рекламните паноа над цената постепено почна да се појавува и географската одредница на земјата на потеклото, „Северна Македонија“, како и придавката „северномакедонска“.

Во Шведска неодамна во маркетите на компанијата „Ориентална куќа“, познат синџир за продажба на прехранбени производи од земји од Блискиот Исток, Азија и од Балканот, над сандаците со зелка се појавија натписи на кои стои „македонска зелка“ и како дополнителен податок: „Потекло: македонско“.

Не е важно дали сопствениците на оваа компанија се потрудиле да го простудираат Преспанскиот договор, па дури и да станува збор за вистински гест на добра волја, во смисла на правилно користење на одредбите, што произлегуваат од него. Во зачестената практика на употреба на придавските определби „северномакедонски, -а, -о“, сè уште има и такви кои го прават тоа правилно, како во случајот на македонската зелка, без „северномакедонски“ жиг, која овде ја посочивме за пример.

Праксата на „северномакедонизирање“ на „македонските работи“ во скандинавското секојдневие напредува. Шведската новинска агенција ТТ во својата дигитална збирка на јазични и правописни правила, кои содржат препораки, што ги користат не само нејзините новинари дописници, туку и поголем дел од шведските медиуми, под рубриката „Држава, жители и придавки“, ја дава следната препорака за пишување: „Северна Македонија, жители: Северномакедонци, придавка: северномакедонски“. Шведските новинари често ги користат овие препораки кога се несигурни какви називи и имиња да користат во своите текстови.

Во Шведска не е ретка ниту појавата на повеќе веб-страници на разни организации и институции, кои на граѓаните, или на своите членови, им нудат услуги во превод на разни јазици, да се понуди и превод на „северномакедонски јазик“. Благајната за осигурување во случај на невработеност, приклучена кон еден од најголемите шведски синдикати на работниците во градежништвото, од пред неколку години, меѓу преведените содржини на други јазици на својата веб-страница, им нуди информации на своите членови и на „северномакедонски јазик“.

При пребарување на зборот „северномакедонски“ (nordmakedonsk) во Данскиот академски речник се добива следниов резултат: „Од југоисточната европска Република Северна Македонија (пред 2019 година едноставно наречена Македонија); што се однесува на Северна Македонија или на Северномакедонци“. А при пребарување на зборот Македонец (makedonier), резултатот е овој: „Лице од Македонија (т.е. од републиката што во 2019 година го промени името во Северна Македонија, од регионот во северна Грција или од античкиот грчки пејзаж северно од Елада)“. Со пребарување во Норвешкиот академски речник, зборот „северномакедонски“ (nordmakedonsk) се толкува вака: „што се однесува на Северна Македонија и на Северномакедонците“.

Еве што препорачува јазичниот совет, централен шведски државен орган за јазична политика, во своето толкување во однос на користењето на зборот „северномакедонски“: „Генерално при изразувањето на шведски е добро да се зборува за Македонци како народна група, а може да се зборува, на пример, и за македонска храна и култура, кога се работи за историскиот регион, а не за границите на сегашната држава. Може да функционира и да се користи терминот Македонци, како ознака за жители на Северна Македонија во контексти каде што тоа не може погрешно да се разбере, дека всушност се мисли на жителите на Северна Македонија.

Според она што можеше да се прочита во некои македонски медиуми, вработените во македонските амбасади имаат обврска „секаде и во секоја пригода да реагираат на секоја несоодветна употреба на придавката северномакедонски“. Добро е што македонските дипломати, каков што беше наведениот случај во Осло, се подготвени барем самите себеси да се исправат. Но, тие се исправени пред нешто што е понеизвесно дури и од тешка и макотрпна сизифовска борба: да се заложат за сеопфатно информирање и „подучување“ на европската и на светската јавност како да се користат придавките изведени од името на државата, договорено со Преспанскиот договор.