Како реакција на бугарската колешка, на 18/12/2023, (Канал 5 вести, Република…) Бујар Османи изјави – „Не е важно дали Бугарија во иднина ќе има нови барања, важно е дека ние создадовме ѕид кон кои било бугарски барања, а тоа е Преговарачката рамка, А ПРОТОКОЛИТЕ НЕ СЕ ДЕЛ од неа“.
Еве што пишува во член 5 од Преговарачката рамка, со која се согласил Османи: “… посветеноста на Македонија за добрососедски односи и поблиска регионална соработка, вклучително и преку постигнување на видливи резултати и спроведување на билатералните договори во добра волја, вклучително и договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија од 2017 година, (КАКО И ГОДИШНИТЕ ПРЕГЛЕДИ И МЕРКИ ЗА НЕГОВО ЕФЕКТИВНО СПРОВЕДУВАЊЕ според член 12)“. На англиски, овој дел гласи – (“as well as the BILATERAL PROTOCOLS to implement it“). Дилеми, значи – нема. Протоколите се дел од рамката.
Дека е така, има уште две потврди: во „Предлог – заклучоци на Советот (на ЕУ)“, и во „Заеднички став на ЕУ“, усвоени заедно со Преговарачката рамка, на првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ, на 19/7/2023. Заклучокот е идентичен – „Советот го поздравува договорот за ПРОТОКОЛОТ од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија (меѓу Македонија и Бугарија) формирана според член 12 од овој договор“.
Министерот најдобро знае дека ГОДИШНИТЕ ПРЕГЛЕДИ се токму протоколите, од коишто два се веќе потпишани, а треба да ги има секоја година. Оваа обврска не се реализира, бидејќи комисијата нема резултати. На таа основа, Софија ќе нѐ прави партал во текот на преговорите со ЕУ. Прегледите, или протоколите, како милувате, треба да се однесуваат речиси целосно на резултатите од работата на историската комисија. Поточно, да се реферира за нашите отстапки од сопствената историја. Тоа го бара Софија и само така ќе напредуваме кон Брисел. Се’ е јасно, нели?
Чуми вакви лаги и манипулации, министер Османи?
* * *
Почетокот од текстот е резултат на најновата изјава на Османи. Во продолжението се неговите поранешни грешки, сите на сметка на Македонците.
Замислете, колку е страшно кога силувачот јавно тврди дека чинот бил заложба на силуваниот! Токму така нас нѐ третира Унијата. Ем си играат мајтап со нас, ем ние сме виновни. Во Предлог – заклучоците на Советот (на ЕУ), од 19/7/2022, на првата меѓувладина конференција со Македонија, напишале дека Уставот треба да се менува СПОРЕД НАША ЗАЛОЖБА!
Да, токму така пишува! А, општо е познато дека со блокада, уцена и ултиматум, нѐ присилија тоа да го сториме! И, “нормално“, сега инсистираат да ја извршиме “сопствената заложба“! Така е кога државата ја водат лица кои немаат поим што е тоа политика, а за дипломатија ниту чуле. Да се согласиш со таква формулација, значи дека не знаеш што правиш. Тоа е ситуацијата во која се наоѓа Македонија денес.
А дома, истите “политичари“ шират измами дека за нивните утки е виновен некој друг. Ја заглавија државата, нѐ доведоа во тунел без излез, и сега велат дека опозицијата го спречува напредокот на земјата. Дека таа била антиевропска, проруска, националистичка… А, сосема со право, таа не сака туѓ диктат, уцена и ултиматум. Не сака бидејќи тоа значи внесување на бугарски Тројански коњ во Уставот, чија цел е да нѐ разнебитува од внатре. Халуцинираат ли луѓево од власта?
Прифатија дека ќе го менуваат Уставот, што е вон памет, а морале да знаат дека за тоа немаат потребно мнозинство во Собранието! И, сега, други, коишто не биле ниту консултирани за овие фантазмагории, треба да ја носат одговорноста!
Власта се согласила во Уставот да стават грст бугарско малцинство (3.504 лица според пописот), игнорирајќи стотици илјади Македонци во Бугарија. Тие се без никакви универзално признати права, изложени на вековен геноцид и, ако нашите “умници“ тргнеле од основното дипломатско правило – реципроцитетот, ќе решеле и наш клучен проблем. Софија ни пружи извонредна шанса, којашто се пропушти.
Впрочем, како можеле да потпишат договор за пријателство со држава која не признава дека ние постоиме како народ, со свој јазик, историја…? Признале и дека некој таков има малцинство кај нас. Овие чекори се монструозни. Како ќе пријателствуваш со некој што не те есапи, што те игнорира, што постојано те блокира, уценува… До каде не дотераа овие изроди!
Целата колумна на амбасадорот Ристо Никовски за Плусинфо на следниот линк:





