Секторот за игри на среќа најави масовни протести како никогаш досега

Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа и Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија денеска во присуство на дел од нивните вработени одржаа предупредувачки собир пред Собранието на Македонија бидејќи спорниот Закон за игри на среќа повторно и без најава се обидува да се стави на гласање пред пратениците. Тие предупредија дека изгласувањето на измените ќе предизвика егзодус на 10.000 вработени во овој сектор, а гласањето за игри на среќа на црно нема да донеси гласови на изборите.



На собирот присуствуваа и дел од вработените од објектите за игри на среќа на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС), со цел да упатат заедничка порака дека Владата продолжува насила да го носи законот, иако во изминатите месеци во медиумите се пишуваше за скандали поврзани со овој закон и сомнежи за политички влијанија и бизнис интереси.

Сакаме да ја искористиме оваа прилика уште еднаш да им порачаме на сите пратеници, без разлика на нивната партиска, етничка и верска припадност дека гласањето за игри на среќа на црно не носи гласови! Воведувањето дистанца на објектите на 500 метри од образовни институции не е мерка за заштита на младината, туку мерка за затворање на легалните игри на среќа и создавање предуслови за играчници на црно. Тоа е вистината и ниту едно политичко образложение не може овој факт да го промени. Тогаш државата ќе нема никаква контрола а младината ќе биде вистински загрозена. Доволно е пратениците да се потсетат на аферата „Детонатор“, кога беа запленети 1.500 покер апарати поставени нелегално. Може само да претпоставуваме колку диви играчници по разни подруми ќе никнат доколку се стави клуч на легалните објекти за игри на среќа – истакна Горан Стоименов, претставник на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС).

Стоименов истакна дека не случајно во Албанија, тамошната Влада се откажала од четиригодишната забрана за игри на среќа поради отворањето диви играчници и ударот врз нивната економија. Нема држава во која се спровеле радикални чекори за затворање на легалните објекти за игри на среќа кои по автоматизам не предизвикале отворање игри на црно, велат од Асоцијацијата.

Погледнете ја иронијата. Редовните критичари тврдат дека поради заштита на младината е неопходно да се затворат објектите за игри на среќа. Додека ние овде зборуваме за противуставните законски измени, државата овозможува преку интернет, игрите на среќа да станат достапни буквално на секој мобилен и статичен уред. Нема потреба да се оди до објектите, преку онлајн игрите на среќа доволно е од дома некој да се вклучи на платформа и да игра. Тоа некое мнозинство пратеници кое смета дека треба овие противуставни законски измени да се донесат по секоја цена ќе мора да ѝ објасни на јавноста зошто свесно и со умисла се откажува од 280 милиони евра годишни приходи во централниот Буџет од легалните игри на среќа. За илустрација, тоа е повеќе од 5 проценти од приходите планирани во предлог Буџетот за 2024 година – рече Стоименов.

Асоцијациите предупредуваат дека пратениците мора да бидат свесни дека изгласувањето на овие измени ќе предизвикаат егзодус на 10 илјади вработени во овој сектор, кои заедно со своите семејства ќе бидат принудени да се иселат и да си ја бараат егзистенцијата во западните земји, каде повторно ќе работат во индустријата игри на среќа. Станува збор за кадар кој е обучуван по највисоките светски стандарди за приредување игри на среќа.

Како најголеми приватни работодавачи во државата, двете Асоцијации и Здружението на вработени, неколку пати баравме средби со Владата, Министерството за финансии, Собраниската Комисија за европски прашања. Сметаме дека е нормално еден ваков сериозен економски сектор да биде слушнат и преку една конструктивна дебата да дојдеме до најдобрите и реално применливи решенија. Денес уште еднаш предупредуваме и бараме надлежните да нѐ разберат многу сериозно. Подготвени сме до крај со масовни протести да се бориме против законски решенија кои ќе предизвикаат силни општествени потреси и ќе креираат хаос во еден многу чувствителен економски сектор. Наша обврска е да ги заштитиме нашите вработени, нивното уставно загарантирано право на работен однос и да застанеме во одбрана на македонската економија – рече Стоименов.

Претседателот на АСОМ Васко Илијевски порача дека новиот предлог закон за игри на среќа ќе предизвика затворање на една легална индустрија и ќе отвори широка врата на сивата економија и криминалот. Од секторот игри на среќа, потсетија и дека пред неколку дена Државниот завод за статистика соопшти дека 12.000 луѓе се иселуваат од Македонија на годишно ниво. Според нивната анализа, државата многу брзо ќе биде принудена да увезува работна сила.