Сојузот на Синдикати го поддржува протестот на Државниот испитен центар, кој беше ставен во мирување во мај поради полагањето на државната матура, но повторно продолжи од 14-ти месецов. И по пола година вработените се уште не добиле зголемување на платите. Поради нивниот штрајк, нема да се случи стручниот испит за наставници и стручни работници за приправници.
„Револтот на нашите колеги е оправдан. Ветувањата на институциите во минатото не беа исполнети, а сега ги убедуваат да го почекаат новиот закон за административни службеници и тоа би значело дека во март повторно нема да им се зголемат платите. Манипулацијата е несериозна од претставниците на власта. Малиот број на луѓе вработени тука, може да стане проблем во образованието“, рече Трендафилов.

Се работи за само 29 вработени, а работата што ја работат е сериозна и одговорна, но тоа никој не го цени.
„Нашите плати со тоа 10 отсто покачување беа под 30.000, а сега се 30.000 советничка плата. Наставникот почетник, тоа не е исто ниво со советник во Државниот испитен центар, туку е едно ниво пониско виш соработник би било нивото, има 35.000 денари. Тој наставник правото на лиценца за полагање го стекнува пред вработени и советници на Државен испитен центар. Тој што оценува дали е наставникот способен има пониска плата од него“, појаснија од Државниот испитен центар, додавајќи: „Во овие седум месеци добивме К-15 што досега го немавме. Ќе останевме и без тоа, ако не се боревме“.
Станува збор за 700 лица кои треба да полагаат, за да им се трансформира работниот однос до крајот на годината.





