„Влегуваме во циклус на системска, ‘трајножаречка’ криза на повеќе рамништа. Уставни измени во моментов се најверојатно невозможни. Нема големи изгледи за значаен напредок кон ЕУ. Таков напредок не треба да очекуваме без уставните измени, за што има сѐ помалку шанси, не само пред, туку и по изборите. Пропуштена е можноста за пробив во преговорите додека во ЕУ сѐ уште имаше желба за проширување од геостратегиски и безбедносни причини.“ – пишува политичкиот аналитичар Петар Арсовски во својата колумна со наслов „Политичка нестабилност – новото нормално?“, во која потсмешливо иронизира за „поетичните жалопојки на Македонците за своите библиски корени и за глобалната неправда кон македонството“.
Во колумната, која ја објави весникот „Слободен печат“, покрај другото, Арсовски уште пишува: Ние ќе ја пропуштиме таа можност и ЕУ ќе се заглави себеси, но и нас во ново сопствено редефинирање и на нејзините механизми. Со тоа проширувањето автоматски ќе стане второстепено, и покрај декларативните пораки за „перспективи за регионот“. Домашната политичка сцена забрзано се „лади“ за неопходните реформи, вклучително и за вклучително уставните измени, за да ја продолжиме евроинтеграцијата. Овие две променливи величини, кои, помеѓу другото, се хранат една со друга, може ЕУ, како приоритет, да ја истиснат од актуелната политичка агенда на среден рок.
Дали, соочени со сопствената блокада, политичка за системските реформи дома и национално-романтичарска по прашање на уставните измени, ќе се намуртиме уште повеќе и инаетливо ќе се затвориме во ќошот, што сами си го изѕидавме? Младите и способните забрзано ќе бегаат од нас и од нашите поетични жалопојки за библиските корени и глобалната неправда кон македонството.





