„Њујорк тајмс“: Западните фирми изгубија 103 милијарди долари од излегувањето од Русија

Напорите на Украина и на нејзините западни поддржувачи да ги убедат компаниите да го напуштат рускиот пазар резултираа со контраефект, ставајќи профитабилни претпријатија во руски раце по намалени цени и вметнувајќи излезни даноци во вредност од повеќе од милијарда долари во касата на Москва, пишува „Њујорк тајмс“.



Неколку дена откако руските трупи влегоа во Украина минатиот февруари, голем број западни корпорации почнаа да се повлекуваат од рускиот пазар. Украинските активисти и официјални лица ги прогонуваа оние што одбија да заминат, а санкциите од САД и ЕУ забранија извоз на стоки во Русија и увоз на суровини од таму.

Компаниите кои ги распродадоа своите операции во Русија изгубија вкупно 103 милијарди долари, објави во неделата американскиот весник, цитирајќи финансиски извештаи. Овие фирми ѝ предале на руската држава најмалку 1,25 милијарди долари излезни даноци, додава весникот.

Почнувајќи од минатиот март, западните компании кои сакаат да ги продадат своите средства во Русија за тоа мора да добијат одобрување од руската владина комисија, која често работи на тоа да обезбеди локалните купувачи да ги купат овие средства по поволни основни цени.

Цитирајќи го записникот од состанокот на комисијата, „Тајмс“ тврди дека комисијата ја отфрлила продажбата на фабриките во сопственост на „Ханивел“ (Honeywell), американска компанија за електроника, додека компанијата не се согласи да продава со попуст од 50 проценти. Од почетокот на годинава, пак, компаниите се законски обврзани да ги продаваат своите средства со ова намалување од 50 отсто.

„Сè на сè, [рускиот претседател Владимир] Путин го надгледуваше еден од најголемите трансфери на богатство во Русија од падот на Советскиот сојуз. Огромни делови од индустрии – за лифтови, гуми, индустриски премази и многу други – сега се во рацете на сè подоминантните руски играчи“, пишува „Тајмс“.

„Оние кои заминуваат ја губат својата позиција“, изјави за весникот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. „И секако, нивниот имот се купува со сериозен попуст и го преземаат нашите компании, кои тоа го прават со задоволство“.