Француското Министерство за надворешни работи соопшти дека еден од нивнитеврфаботенин загинал како резултат на раните здобиени за време на израелски напад во Рафах, јужно од Појасот Газа, јави Ројтерс..
Тој барал засолниште во куќата на колега од францускиот конзулат заедно со уште двајца соработници и голем број членови на нивните семејства, се вели во соопштението на Министерството објавено доцна синоќа.
„Куќата беше погодена од израелски воздушен напад во средата вечерта, при што сериозно беше повреден нашиот агент и загинаа околу 10 други“, се вели во соопштението, додавајќи дека тој подоцна починал од раните.
Во соопштението се вели дека Франција го осудува бомбардирањето на станбена зграда.
„Бараме израелските власти што поскоро да ги расветлат околностите на овој бомбашки напад“, се вели во соопштението.
Израелската војска не одговори веднаш на барањето за коментар.
Портпаролот на француското Министерство за надворешни работи одби да даде дополнителни детали за името, националноста и возраста на работникот.
„Чекаме појаснување (од Израел)“, рече француската министерка за надворешни работи, Кетрин Колона. кратко по средбата со нејзиниот израелски колега Ели Коен во неделата во Тел Авив.
Таа повика на „итно примирје“ меѓу Хамас и Израел за да се овозможи хуманитарен прекин на огнот.
Израел вели дека се обидува да ги заштити цивилите и цивилната инфраструктура, според меѓународното право, иако критичарите, па дури и неговиот најблизок сојузник, САД, велат дека треба да стори повеќе.






