Чепреганов: Бугарија бега од фактот дека била нацифашистичка окупаторска власт во Македонија 1941-1944 и од злосторствата врз Македонците!

„Парадоксално и апсурдно е што меѓународната заедница ѝ дава право на Бугарија да ја ревидира својата национална историја, а и балканската. Европа го завртува погледот од Бугарија и не сака да види како таа го ретушира своето минато, овој пат во однос со Русија. Софија се дистанцира со методи на уништување и демонтирање споменици и артефакти. Бугарија и на Македонија ѝ наметнува историски ревизионизам, со кражба на македонската историја и наметнување на т.н. ‘заедничка историја’, при што тоа ѝ служи и како аргумент да ги блокира македонските евроинтеграции. Тие наметнати бугарско-европски услови кон Македонија се недвојбено криминални!“ – се наведува во анализата на новинарката Јасминка Павловска со наслов „Талибанските методи на Софија за ревизија на историјата“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Натаму, покрај другото, во анализата се изнесува: Тие бугарско-европски услови кон Македонија се засноваат врз фалсификувани историски погледи,  исто како што е криминално и бугарското затскривање на историските траги дека во своето минато официјална Софија била тесно поврзани и со фашизмот и со сталинизмот… Факт е дека Бугарија била секогаш на погрешната страна на историјата.

Бугарските историски комплекси како уцена за Македонија и нејзините евроинтеграции

„Бугарија смета дека има право да ја менува сопствената историја, но и на Македонија да ѝ ја наметнува како ‘заедничка’ својата бугарска историска фантазија. Бугарија бега од својата историска улога во холокаустот во Втората светска војна! Бега и од фактот дека била окупаторска сила и власт во Македонија во таа војна и од злосторствата што ги извршила врз македонското население! Бега од фактот дека во Втората светска војна била на страната на нацифашизмот! Тие свои бегства од историската вистина Бугарија денес настојува, со уцени за македонските евроинтеграции, да ги претвори во историски заборав, наложувајќи ѝ на Македонија да ги брише сведоштвата од своите споменици за „бугарскиот фашистички окупатор“. Но историјата не може да се поништи со уривање споменици и уценувајќи ги другите. Бегајќи од заедничката историја со Русија, Бугарија својот историски комплекс сака да ѝ го наметне на Македонија, принудувајќи ја на некаква непостојна ‘заедничка историја’. Уривањето споменици во Бугарија и уцената за бришење споменици во Македонија не ја менуваат историската вистина и бугарската политика треба да се соочи со тоа и да се извини за своите историски грешки.“ – вели македонскиот историчар Тодор Чепреганов.