Дваесет икони кои пред десетина години биле украдени од македонски цркви и нелегално изнесени во Албанија, вчера во Тирана свечено ѝ беа предадени на македонска делегација.



Иконите со полициска придружба доцна синоќа стигнаа во Музејот на Македонија, за јавноста ќе бидат изложени после 45 дена, а потоа ќе ѝ бидат вратени на МПЦ.

Во Музејот на Македонија, министерката за култура кажа оти верува дека успешно ќе се одвива и просецот на враќање на уште 37 идентификувани икони украдени од македонските цркви и манастири во периодот 2008 – 2013 година.„Тоа беа години во кои многу често слушавме за обивање и ограбување на наши светилишта во југозападниот дел од државава, од Ресен до Радожда“, рече министерката за култура.

На изложувањето присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан и членот на МАНУ кој всушност ги препозна иконите, Сашо Цветковски.

Историчарот на уметност д-р Сашо Цветковски од МАНУ, македонските експерти во 2013 случајно преку медиумите во Албанија во ТВ-прилог за Еди Рама забележаа дека таму се украдените икони од земјава.

„Во еден период од 2008 до 2013 имаше силен бран на насилно влегување во црквите, особено во Западна и Југозападна Македонија, каде што се однесоа стотици икони. Ние насетувавме, но не бевме сигурни дека патот ќе нѐ води кон Албанија. Во 2013 откако ги добивме првите информаци, тие беа сосема случајно на медиумите од национална телевизија на Албанија, каде што тогашниот премиер Еди Рама направи увид да се види кои се материјалите кои се запленети. Веќе следниот ден се организираше целата постапка, за во декември 2013 , мала екипа на професионалци, меѓу кои јас, колеги од МВР, отидовме во Тирана во Галерија на современа уметност, каде што беа депонирани, и нашиот прв впечаток беше фрапантен. Таму имаше илјадници предмети украдени од различни места од различни предели на Албанија, Грција, Македонија“, рече Цветковски лани во ноември.