Ова го побара денеска јавниот обвинител Дарко Јакимовски во завршниот збор на судењето за трафгичната несреќа која се случи на 13 февруари 2019-та година. 



Според обвинителот, кај сите обвинети постоела безобѕирност во постапувањето и било прашање на време само по која основа, како што рече „хаосот на работењето можел да резултира со вакви или слични последици.

„Било прашање на време само по која основа хаосот на работењето може да резултира со вакви или слични последици“, рече обвинителот.

Според него, сите имале правна должност да спречат да не дојде до оваа последица и посочи дека смета дека не се работи за лекомисленост бидејќи, како што рече, штетните последици можеле да ги спречат.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

„Предлагам обвинетите најстрого да бидат санкционирани за делата кои им се стават на товар. Станува збор за особено тешки последици, некои од оштетените ќе живеат со тие трауми цел живот“, посочи обвинителот.

Според членот 300 став 2 од Кривичниот законик, за кој се товарат обвинетите, казната затвор изнесува најмалку четири години.

Јакимовски побара на сите обвинети да им се забрани вршење на професија.

Полномошниците на оштетените се согласија со завршниот збор на јавниот обвинител, побараа осудителна пресуда и предјавија трошоци.

Расправата ќе продолжи со завршни зборови на одбраната на обвинетите.